Збирката брои над педесет предмети. Иако скромна по број, таа содржи дел од највредните резбани црковни дела на врвни копаничари, кои творат на тлото на Македонија, во периодот од XV-XIX век.
Стилскиот развој на резбата, во плитка и длабока резба, па сè до најсовршените творби изработени во ажурна техника, може да се следи низ различните облици на делови од иконостас (царски двери, крстови, наддверија), влезни врати, хороси и друг вид црковен мебел.
Посебно се интересни вратите од црквата Св. Јован Претеча во манастирот Слепче, Демир Хисар, датирани од XVI век. Изработени се во плитка резба, богато декорирани со геометриски мотиви формирани со преплет и иконографски претстави на последните Давидови псалми и Богородичини химни.
Во збирката се наоѓаат три големи иконостасни крстови од XVI век од кои два се датирани. Тие потекнуваат од манастирот Слепче, Демир Хисар (средина на XVI век), од Полошкиот манастир (1584) и од Марковиот манастир (1591/2) кај Скопје.
Од друг вид црковен мобилијар интересно е да се спомнат хоросот од Полошкиот манастир, со натпис од 1492 година, како едно од најстарите и единствено до сега датирано дело на македонската резба од Прилепско-слепчанската група, како и аналогионот (сталак за икона) од XVI век од манастирот Зрзе кај Прилеп, на кој во резба е потпишан мајсторот Прохор.
Марија Мурџева, виш кустос
фотогалерија















