Збирката фрески брои над двесте примероци и е создавана од самиот почеток на музејската дејност во Македонија. Таа е резултат на традицијата на документирање на средновековното ѕидно сликарство со што трајно се сочувани антологиски сцени од забот на времето.
Копистите, работејќи во техника темпера на платно, во истите димензии и колорит создале дела кои се идентични на оргиналите во нашите цркви и манастири.
Копираните иконографски претстави се со ликовно, историско и културно значење. Станува збор за сцени од Стариот и Новиот завет, за црковни поглавари, просветители, локални светители, ктиторски композиции, сцени од житија и поетски илустрации.
Преку копиите хронолошки се следи развојот на ѕидното сликарство во Македонија од IX до XVIII век. Така, во оваа колекција се копиите на најстарата сочувана композиција на св. Петнаесет Тивериополски маченици од истоимената црква во Струмица од крајот на IX и почетокот на X век, Оплакувањето од Нерези од 1164 година, Вознесението од Курбиново од 1191, Причестувањето на апостолите од Богородица Перивлепта од 1295 година и многу други композиции познати во светската ризница на византиската уметност.
фотогалерија















