Енеолитот го опфаќа периодот од 4.500-2000 год. пр.н.е. Првите сознанија за овој период, археолошките ископувања и истражувања биле извршени пред повеќе од педесетина години. Тогаш за прв пат е констатирана енеолитската населба на Скопското Кале, неколкуте во Пелагонија, како: Шуплевец, Бакарно Гумно, Црнобуки, Висок Рид, Горни Висои, Крушеанска Чука, Тумба-Карамани. Во охридско-преспанскиот регион се регистрирани две населби: Устие на Дрим и Црквени Ливади. Во поново време во кумановско, констатирана е енеолитска населба на Костоперска Карпа, Жеглиговски Камен, во скопско на Врањак, во делчевско Градиште кај с. Град, а во кочанско Пилаво.
Археолозите се согласија регионалната културна група во Македонија да ја наречат Шуплевец-Бакарно Гумно, која што хронолошки се вклопува во пошироки територијални рамки, во културниот комплекс Бубањ-Салкуца-Криводол.
Од сите наведени локалитети во Музејот на Македонија се презентирани 160 експонати на движен археолошки материјал.Тоа се разновидни керамички садови, алатки изработени од бакар, коска, камен, кремен, глинени тегови и прешлени, амајлии, накит од школки, зооморфни и антропоморфни фигурини, пинтадери и друго. Документацијата и преостанатиот материјал се чуваат во Музејот.
За енеолитот во Македонија се објавени трудови во повеќе наши и странски стручни списанија, а основните податоци може да се добијат од Археолошката карта на Македонија бр.1 и бр.2.
Ирена Настева Колиштркоска, виш кустос
фотогалерија















