|
ОДДЕЛ ЗА ИСТОРИЈА НА УМЕТНОСТ |
Одделот за уметност работи врз музејски материјал кој потекнува од периодот на Византија, доцниот среден век, периодот на Преродбата и од XX век. Материјалите се собирани во Музејот од дваесеттите години на XX век. Најголем дел е собран во заштитните акции по напуштените цркви и манастири, а помал дел е добиен по пат на откуп.
Збирки:
|
|
КАМЕНА ПЛАСТИКА
Збирката содржи фрагменти од средновековната камена архитектонска декорација која хронолошки му припаѓа на времето до XIV век. Тоа се остатоци од скулптирани олтарни прегради, портали, капители и крстилници. Бројни се фрагментите од црквата Св. Архангели во Призрен, еден поголем фрагмент од портал од непозната средновековна црква во Скопско, крстилницата од Марковиот манастир, делумно сочуваниот мермерен иконостас од Св. Атанасиј во Лешок и други.
|
|
|
ЅИДНО СЛИКАРСТВО (ОРИГИНАЛНИ ФРЕСКИ)
Најстарите фрагменти од збирката на фрескоживопис потекнуваат од крајот на X и првата половина на XI век. Тоа се два мали фрагменти од ликови на светители со нимбови околу своите глави. Едниот фрагмент потекнува од најстариот слој во комплексот на Водочката црква (крај на X век), а вториот од епископскотото седиште Мородвис (средина на XI век).
Најубавите, а воедно и најрепрезентативните примероци на оригинален фрескоживопис во збирката на музејот потекнуваат од комплексот на црквата Св. Леонтиј во Водоча од првата половина на XI век. Тоа се две монументални претстави на ѓаконите Исавриос и Евплос. Од истиот период оттаму потекнуваат и двата извонредни фрагменти од композициите на циклусот на Богородица, Јосиф во Пустината и Одбивањето на даровите.
Од црквата Св. Богородица Елеуса во Вељуса (околу 1080 г.) потекнуваат претставата на еден епископ и фрагмент од композиција која првобитно била насликана на јужната фасада на црквата во Вељуса, од околу 1160 година. На овој фрагмент се гледа фигурата на Христос насликана во најубавите традиции на комненската уметност од третата четвртина на XII век.
Од XIII век, во збирката на музејот се наоѓаат само мали поединечни фрагменти на ликови на архијереи од црквите на средновековен Прилеп, особено од црквата Св. Архангели во Варош.
Од средината на XIV век потекнуваат многу важни фрагменти на фрески (ликови на светители, нимбови, светителска одежда, делови од сликани капители на архитектонски градби) од задужбината на Стефан Душан од црквата Св. Архангели на Бистрица крај Призрен. Фреските се пронајдени за време на археолошките ископувања од почетокот на триесетите години на минатиот век. Од оваа време датира и еден поголем фрагмент од непознат објект - старозаветна композиција, на која може да се види старозаветен пророк со карактеристична еврејска капа на својата глава, а над него делови од нозе на ангелска фигура. Од крајот на XIV век потекнува еден поголем фрагмент од капелата која била изградена во северисточниот дел на црквата Св. Богородица во манастирот Матејче. Фрагментот всушност претставува една цела композиција врамена со црвена бордура, во која се старозаветните пророци Мисаил и Седрах со карактеристични еврејски капчиња. Од црквата Св. Архангели во село Чичево, потекнуваа и една поголема групација на фрагменти на фрескоживопис од средината на XV век. Од олтарниот простор на некогашната црква се претставите на тројца архијереи насликани во медалјони. Првиот меѓу нив е големиот чудотворец и епископ на кипарскиот Тримуртин, Св. Спиридон, до него е насликан епископ чија сигнатура е целосно исчезната, а во третиот медалјон е насликан Св. Методиј.
Од истата црква од делот околу олтарната преграда потекнуваат претставите на многу почитуваниот Христов архијереј Св. Никола и фигурата на славниот монах, основоположникот на египетското монаштво Св. Антониј.
Од поствизантискиот период потекнува и еден поголем дел од композицијата на Христовото Вознесение, и дел од архиерејска фигура која во своите раце држи отворен свиток со испишан текст од литургијата. Во рамките на постојаната музејска поставка можат да се видат фреските со циклусот на животот и страдањата на Св. Ѓорѓи од западната фасада на Полошкиот манастир, сликани во 1609 г.
|
|
|
КОЛЕКЦИЈА НА ИКОНИ
Колекцијата на икони во Музејот на Македонија во Скопје е најбогатата од тој вид во Република Македонија. Содржи над 400 икони кои потекнуваат од почетокот на XIV до средината на XX век. Според хронолошката застапеност на иконите, колекцијата може да се нарече поствизантиска и доцносредновековна. Таа овозможува да се добие јасна претстава за различните периоди во сликарството и резбата, за различните форми на иконата во зависност од нејзината функција и за зографските работилници, односно за непрекинатата и витална присутност на религиозната слика во православното секојдневие.
Во постојаната изложбена Галерија на икони, со стотина примероци се презентира само дел од колекцијата на Музејот на Македонија, што го претставува нејзиното јадро од најстари, најтипични и најрепрезентативни примероци на своето време.
Од првата четвртина на XIV век потекнува иконата на Богородица Одигитрија, сликана во ателјето на познатите солунски зографи Михаил и Евтихиј. Иконата на Исус Христос Спасител и Животодавец е сликана во 1394 г. од зографот митрополит Јован. Неговиот брат, јеромонахот Макариј ја сликал познатата икона на Богородица Пелагонитиса во 1422 г. Двете икони му припаѓале на иконостасот во манастирот Зрзе кај Прилеп.
Од поствизантискиот период за издвојување е група дела од околу 1535 г. од манастирот Слепче во Демир Хисар, сликани во ателјето на зографот Јован од Грамоста кај Костур. Прекрасни примероци на иконостасни крстови од XVI век се крстот од манастирот Слепче, кој е сликан во ателјето на зографот Онуфриј од Аргос, и крстот од 1584 г од Полошкиот манастир на Тиквешкото езеро. Голем број интересни и квалитетни икони од анонимни зографи потекнуваат од Нерези, Охрид, Курбиново, Струга, Карпино, Македонски Брод, Прилеп и други краишта.
Од XVII век се значајни комплет икони од 1626 г. од манастирот Лесново кај Злетово, сликани од анонимни зографи, со многу интересна тематика од житија на светители, циклуси на чуда и црковно химнографски содржини. Како тематски раритет во иконописот од ова време е претставата на последните Давидови псалми на иконата од Кучевишкиот манастир Св. Архангели.
Иконописот од XVIII век е застапен со повеќе дела од анонимни мајстори, но и со икони од ателјеата на познати зографи како Давид од Селеница или браќата Константин и Атанас зографи од Корча. Меѓу иконите од XIX век како најзначајни од првата половина се оние на зографите јереј Петар, Крсте од Велес, Крсте Поп Трајанович, монах Антониј од Битолско и други. Од средината на векот најмаркантна зографска личност е Димитар Крстевич - Дичо од Тресонче од чија огромна продукција во нашата колекција има десетина икони меѓу кои е и познатата претстава на Седмочислениците од 1862 г.
Од претставниците на последните зографи и првите сликари на профаното сликарство во Македонија, во колекцијата се наоѓаат повеќе дела на Димитрија Андонов Папрадишки кои датираат од крајот на XIX до средината на XX век.
М-р Викторија Поповска Коробар, кустос советник e-mail: vvpk@mt.net.mk
|
|
|
РЕЗБА
 Збирката брои над педесет предмети. Иако скромна по број, таа содржи дел од највредните резбани црковни дела на врвни копаничари, кои творат на тлото на Македонија, во периодот од XV-XIX век. Стилскиот развој на резбата, во плитка и длабока резба, па се до најсовршените творби изработени во ажурна техника, може да се следи низ различните облици на делови од иконостас (царски двери, крстови, наддверија), влезни врати, хороси и друг вид црковен мебел. Посебно се интересни вратите од црквата Св. Јован Претеча во манастир Слепче, Демир Хисар, датирани од XVI век. Изработени се во плитка резба, богато декорирани со геометриски мотиви формирани со преплет и иконографски претстави на последните Давидови псалми и Богородичини химни. Во збирката се наоѓаат три големи иконостасни крстови од XVI век од кои два се датирани. Тие потекнуваат од манастирот Слепче, Демир Хисар (средина на XVI век ), од Полошкиот манастир (1584 г.) и од Марковиот манастир (1591/2 г.) кај Скопје.
Од друг вид црковен мобилијар интересно е да се спомнат хоросот од Полошкиот манастир, со натпис од 1492 г., како едно од најстарите и единствено до сега датирано дело на македонската резба од Прилепско-слепчанската група, како и аналогионот (сталак за икона) од XVI век од манастирот Зрзе кај Прилеп, на кој во резба е потпишан мајсторот Прохор.
Марија Мурџева, виш кустос
|
|
|
ПРИМЕНЕТА УМЕТНОСТ
Збирката на предмети од применетата уметност содржи 160 богослужбени и украсни предмети од метал, дрво и текстил. Како најзначајни ги издвојуваме во целост сочуваниот метален полиелеј (хорос) од црквата во Псача, кривопаланечко од XIV век, фрагменти од полиелеј и кадилница од истото време од Марковиот манастир кај Скопје. Бројни се сребрените опкови за икони и кадилници, главно од доцносредновековниот период, меѓу кои е и една кадилница од XVI век од манастирот Св. Прохор Пчински. Интересен пример за уметничка обработка на текстилот се два фелони (свештеничка одежда) од втората половина на XVIII век од ризницата на Бигорскиот манастир.
Виолета Ѓорѓеска, виш кустос e-mail: koku@freemail.com.mk
|
|
|
|
КНИЖНИ ИКОНИ И АНТИМИНСИ

Од фондот на некогашниот Црковен музеј се сочувани скромен број на примероци од популарната графичка уметност. Тоа се дрворези "стампи" од клишеа со локално потекло од раниот XVII и XVIII век и светогорски книжни икони од XIX век,отпечатоци од бакрорези. Во колекцијата се чуваат и примероци на антиминси од кои најстариот датира од 1780 г. и најновиот примерок од 1915 година.
Јасмина Чокревска Филип, кустос советник e-mail: jasminacf@hotmail.com
|
|
|
|
ИСЛАМСКА УМЕТНОСТ

Збирката на предмети од исламската уметност засега содржи само 50 ракописни и печатени книги со религиозна содржина, од кои повеќето се со илуминации. Најголем дел од предметите се наоѓаат на конзервација во Народната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски" во Скопје.
Весна Шекеровска, виш кустос
|
|
|
|
КОПИИ ФРЕСКИ
Колекцијата брои над двесте примероци и е создавана од самиот почеток на музејската дејност во Македонија. Таа е резултат на традицијата на документирање на средновековното ѕидно сликарство со што трајно се сочувани антологиски сцени од забот на времето. Копистите работејќи во техника темпера на платно, во истите димензии и колорит создале дела кои се идентични на оргиналите кои се во нашите цркви и манастири.
Копираните иконографски претстави се со ликовно, историско и културно значење. Станува збор за сцени од Стариот и Новиот завет, за црковни поглавари, просветители, локални светители, ктиторски композиции, сцени од житија и поетски илустрации. Преку копиите хронолошки се следи развојот на ѕидното сликарство во Македонија од IX до XVIII век. Така, во оваа колекција се копиите на најстарата сочувана композиција на св. Петнаесет Тивериополски маченици од истоимената црква во Струмица од крајот на IX и почетокот на X век, Оплакувањето од Нерези од 1164 г., Вознесението од Курбиново од 1191 г., Причестувањето на апостолите од Богородица Перивлепта од 1295 и многу други композиции познати во светската ризница на византиската уметност.
|
|
|
СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ
 Во рамките на одделот за уметност е сместена и ликовната колекција на сликарката Кераца Висулчева (1910-2003), легат на целокупниот нејзин опус за Р Македонија. Колекцијата се состои од преку четиристотини дела работени во масло, пастел, акварел, јаглен, молив и глина, создавани од почетокот на 40-тите години на ХХ век до последните години на нејзиниот живот. Тематскиот дијапазон е широк и опфаќа портрети, пејзажи/ведути, марини, бањи/актови итн., додека во стилскиот израз се забележуваат влијаниа на минхенскиот академски реализам, францускиот импресионизам и експресионизам, во постојан стремеж да се допре современиот Европски модернистички концепт. Во 2005 год. по претходната желба на Висулчева во Ресен е поставена меморијална збирка на нејзини дела, предмети поврзани со нејзиниот живот и одличја добиени на повеќе Европски конкурси со што сликарката постхумано го добива заслуженото високо место во Македонската ликовна историја.
Андреј Ежов, виш кустос |
|
|
|
|
|
|
Од
10.01.2008. |
до
10.03.2008. |
|
|
|