ОДДЕЛ ЗА ИСТОРИЈА |
Полувековното постоење на Историскиот музеј, сега преточен во оддел за Историја во Музејот на Македонија, започна со собирање на материјали сврзани за периодот на Народноослободителната борба, и се продолжи со периодот на националните револуционерни движења. Постепено започнаа истражувањата и прибирањето на материјалите со што се опфати целокупната историја на македонскиот народ и тоа од населувањето на Словените на територијата на Македонија па се до формирање на своја сопствена државност во рамките на заседанието на АСНОМ 1944 година, како и конечното ослободување, со што започна повоената историја на земјата.
Збирки:
|
|
МАКЕДОНИЈА ОД VI И XIV ВЕК (СЛОВЕНСКО-ВИЗАНТИСКИ ПЕРИОД)
Во овој период се опфатени најважните настани и тоа хронолошки почнувајќи од доаѓањето на Словените, примање на христијанството, создавање на словенска азбука и писмо, создавање на прва македонска средновековна држава со цар Самуил, востанија против Византија, потпаѓање под српска власт па се до формирање на самостојни феуди .
Збирката содржи околу 1500 инвентарни единици. Од нив 200 се тродимензионални предмети во кој спаѓаат: средновековни монети од византиски и српски владетели, прстени, мечови, стрелки од врвови на стрели и копја, разни алати и алатки. Значајно е да се споменат мечот "волчјак"од XIV век раритетен предмет и копијата на Самуиловата плоча со натпис од крајот на X век ,кој е најстар кириличен текст на Балканот.
Останатите инвентарни единици претставуваат фотографии пресликани од разни книги, енциклопедии, карти, портрети на просветители, дејци и личности од тој период .
|
|
|
МАКЕДОНИЈА ПОД ОСМАНЛИСКО ТУРСКА ВЛАСТ
 Збирката на предмети од Османлиско-турскиот период е составена од околу 2500 предмети. Тие датираат од ЏИВ век, со доаѓањето на Турците на Балканот, па се до почетокот на XX век, односно до Илинденското востание во1903 год.
Повеќето се фотографии, на кои се прикажани портрети и цртежи на турски султани, разни објекти, амами, теќиња, хареми и некои пејсажи од тоа време.
Збирката содржи повеќе од 200 монети. Бакарните монети се најинтересни за нумизматичарите.
Најрепрезентативно е оружјето и воената опрема на Турската војска. Оваа збирка поседува околу 200 парчиња, како ладно така и огнено оружје (топузи, боздогани, наџаци, сабји, јатагани, кубури, пушки фитиљачи, кремењачи и каписларки). Под воена опрема се подразбира облеката на војникот, панцир кошулите, специјалните панталони, токи, потоа, барутници, фишеклии и енамлуци.
Но најинтересно кај турското оружје е неговата обработка, украсување и декорирање. Декорацијата е оној елемент, кој на оружјето му дава посебна убавина. Покрај датумот на обработката и делови од коранот, оружјето најчесто било гравирано со арабески и вегетативни орнаменти. Се украсувало со драги и полудраги камења, седеф, слонова коска, инкрустирани корали, злато и сребро.
Даниела Николова, виш кустос |
|
|
КУЛТУРНА ПРЕРОДБА
Периодот на преродбата започнува во почетокот на XIX век и трае се до создавањето на првата македонска слободна држава, до крајот на Втората светска војна. Овој период е еден од најзначајните во историјата на македонскиот народ затоа што започнува неговото национално, етничко и културно осамостојување. Паралелно со борбите за целосно ослободување од повеќевековното османлиско ропство, се водат и борби на духовен план, за отворање на училишта на народен македонски јазик, се пишуваат и печатат првите црковни книги на народен македонски јазик, се отвораат првите печатници. Видни преродбеници и учители ја запознаваат тогашна Европа, дека на Балканот живее еден народ со своја култура, јазик и обичаи и се бара од неа да се издејствува ослободување од турското феудално ропство, добивање автономија, а подоцна и држава.
Во Музејот на Македонија за овој период прибрани се вредни предмети , неколку илјади фотографии, документи, стари книги и лични предмети од наши преродбеници: Кирил Пејчиновиќ, Теодосија Синаитски, Кузман Шапкарев, Рајко Жинзифов, браќата Миладиновци со нивниот ЗБОРНИК, Ѓорѓија Пулевски, Григор Прличев и други кои и припаѓаат на генерацијата преродбеници од XIX век. Потоа делата на Крсте Петков Мисирков со книга "За македонцките работи" капитално дело во кое се поставени темелите на македонскиот литературен јазик. Димитрија Чуповски со останатите членови на Петроградската колонија во Русија, кои ја изработија првата карта на Македонија во нејзините етнички граници и Коста Рацин со збирката "Бели Мугри".
|
|
|
НАЦИОНАЛНО РЕВОЛУЦИОНЕРНО ДВИЖЕЊЕ
Збирката на македонското национално - револуционерно движење опфаќа период од крајот на XIX век и почетокот на XX век,со посебен акцент ставен на Илинденското востание од 2 август 1903 год.
Музејскиот материјал од збирката Илинден открива една нова светлина во историјата на македонскиот народ и неговата борба за извојување на национална слобода .
Збирката содржи: Фотографии од македонски револуционери ,портрети, групи-чети. Разгледници од македонски градови. Оружје: пушки од марките "Мартинка", "Шишана","Карабин","Рашак", "Чибуклија", "Каранфилка", "Рога", "Џефердан" и др. Пиштоли марка "Нагант револвер", и др. Кубури, ладно оружје: јатагани од марката "Црнопасец" и др. Сабји, бодежи, ножеви и ками кои со своето уметничко совршенство зачудуваат и восхитуваат. Арбии за набивање на барут во пушките и кубурите (метални).Фишеклии, метални (месингани) богато рељефно орнаментирани кутии кои служеле за чување на барутот.
Зејтилници, месингани метални кутии во кои се чувало масло за подмачкување на оружјето. Бастуни, совршено изработени од два дела-од футрола - плетена, дрвена, кожена или со разнобојни монистра и бодеж-метален. Метална преса на која Гоце Делчев со соборците фалсификувале турски пари (бели меџидии) за купување на оружје за востаниците.
Калапи за леење куршуми. Комитска облека. Црешовото топче, синонимот за почетокот на Илинденското востание. Пранги, во кои биле оковувани македонските револуционери.
Двогледи кои ги носеле војводите и позначајните револуционери. Знамиња на чети и занаетчиски еснафи (оргинали и репродукции).
Предмети (очила, часовници, колани, ќостеци, ками) лична сопственост на познати македонски револуционери (Ѓорче Петров, Јане Сандански и др.). Спомен плакети на Илинденци. Печати и отисоци од печати на регионални и околиски комитети: охридски, кумановски, битолски, ениџевардарски, тиквешки и др. (оргинали и копии).
Албуми од градови, портрети, групи и чети на Македонци од тој период. Предмети (стаклени шишиња везени со монистра, колани, бастуни, ќостеци) изработувани од македонски револуционери кои биле затвотени во Солун во Беас Куле и малоазиските затвори. Документи: писма, поштенски картички и преписки од познати револуционери (Ѓорче Петров, Димитар Беровски и др.).
Факсимили од весници издавани и уредувани од македонски интелектуалци и револуционери (Петар Поп Арсов, Даме Груев, Ѓорче Петров, Димо Хаџидимов и др.) Таблоа на македонско-одрински револуционери. Шифрирани писма од Револуционерната Организација.
Шеми и планови за организација на Илинденското востание.
Славка Петровска, кустос советник
М-р Мирјана Нинчовска, виш кустос, e-mail: mnincovska@yahoo.com
|
|
|
МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ
Збирката располага со фотографии, документи и предмети, кои зборуваат за времето кога Македонија е распарчена помеѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија и будење на националната свест преку формирање на разни друштва: партиски, спортски и културно-просветни. Носители се напредни младинци и студенти кои подоцна за време на Втората светска војна ги дадоа своите животи за ослободување од фашизмот и за создавање на држава на македонскиот народ. Некои од нив се : Коле Неделковски, Кузман Јосифовски, Коста Рацин, Страшо Пинџур, Борко Талески, Никола Вапцаров, Лазо Трповски, Боро Менков и многу други познати и помалку познати борци за слобода.
Историскиот оддел располага и со збирка од околу 160 оригинални уметнички дела: слики, скулптури и карикатури од познати македонски автори. Од Лазар Личеноски, Димитар Пандиловски, Љубомир Белогаски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Борко Лазески, Вангел Наумовски, Василие Поповиќ-Цицо, Родољуб Анастасов и други.
Збирката содржи и поштенски марки, значки, стари пари, знамиња и др.
Илија Цурев, кустос e-mail: ilija.curev@gmail.com |
|
|
НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА ВОЈНА НА МАКЕДОНИЈА
Периодот на НОВ во Македонија 1941-1944 година се совпаѓа со времето на Втората светска војна, кога територијата била окупирана од бугарски и италијански воени и државни власти подржани од нацистичка Германија. Македонскиот народ се вклучил во борбата против окупаторот со организирање на - партизански одреди и ја извојувал својата победа за создавање на сопствена држава.
 Музејскиот материјал се состои од : Фототека на фотографии на борци учесници во НОБ. Фонд на воени институции (партизански одреди, баталјони, бригади, дивизии и корпуси). Фонд на политички организации (Народноослободителни одбори, народна власт, советувања, конгреси и заседанија). Фонд на воени операции (походи и офанзиви). Фонд на слободни територии.
Воена опрема : оружје: пиштоли, револвери,ками, бајонети, бомби, чаури, реденици, шлемови, униформи, кожни торби и чизми.
Документи:воени географски карти, сведоштва, дописи, благодарници. Знамиња: реконструкција на знамиња од воените формации. Одликувања: ордени, медаљи, значки и плакети.
Збирката поседува и фотографии,предмети, документи и сведоштва за Егејскиот дел на Македонија во НОБ 1941-1944 год.и Граѓанската војна во Грција 1945-1949 год.
Марица Јовановска, кустос советник
|
|
|
СОЦИЈАЛИСТИЧКА ИЗГРАДБА НА МАКЕДОНИЈA |
|
|
ЗБИРКА ФИЗИЧКА КУЛТУРА И СПОРТ
Збирката ја сочинуваат вкупно 4.800 инвентарирани единици од кои поголемиот дел се фототечен материјал. Низ фотографиите се застапени сите модерни спортови во Македонија, како и почетоците на разни гимнастички друштва во почетокот на ХХ век, во лицето на организацијата Јунак и Сокол.
Од тој период се сочувани неколку интересни предмети, како значки од одржаните слетови на соколските организации, фудбалски чевли со кои се служел Ѓорѓи Клинчаров од Велес во 30-те години на ХХ век, скии користени од Петар Сарев од Штип.
Од современите спортови направени се неколку фондови, по пат на подарок или откуп.
Фонд на Мемо Сулејманов-првиот македонски маратонец, во кои се вклучени дипломи, благодарници, пофалници како и освоените 13 медели, 2 пехари и 3 ордени.
Фонд на Љубиша Трбоевски-атлетичар, во кои влегуваат плакети, дипломи, пофалници, 11 медали, 5 пехари и 1 орден.
Фонд на Васил Франговски-алпинист, кој е застапен со 66 инвентарни единици, воглавно алпинистчка опрема.
Фонд на Фарук Радончиќ-кајакар, составен од многубројни признанија, пофалници, благодарници, дипломи, освоени 45 медали на разни меѓународни и домашни натпревари, како и дел од неговата спортска опрема.
Фонд на Олимпискиот плакат, кој се состои од 38 официјални постери на одржаните летни и зимски олимписки игри.
Драган Георгиев, виш кустос
|
|
|