Збирката метални покуќнински предмети содржи повеќе од 1.100 предмети. Најголем број од садовите се изработени од бакар, а нивната намена главно била за домаќинството и за одржување на личната хигиена. Колекцијата на бакарни садови во Музејот на Македонија е една од најбогатите збирки на овој вид предмети на поширокиот простор на Балканот.
Бакарните садови во почетокот биле специфични само за градската култура, а подоцна се прошируваат и во руралната средина каде што се задржани и до денес. Дел од овие садови и предмети биле и со сакрална намена во домовите или во верските јавни објекти, како и со производствена намена кај некои занаети.
Бакарните предмети и садови се производи на казанџискиот занает. Калајџискиот занает, неопходен за одржување - калаисување на бакарните садови постоел паралелено, а бил и составен дел на казанџискиот занает.
Најголем број предмети се изработени од локални мајстори во градовите во Македонија, а само мал дел се донесени од други центри, главно од Исток.
Најзначајни центри за казанџискиот занает во Македонија биле Прилеп, Штип, Скопје и Битола. Од градот Крушево потекнувале најголем број мајстори калајџии кои работеле на поширокиот дел од Балканот.
Основната функција на бакарните садови е утилитарната. Голем број од овие предмети содржат занаетчиско-уметничка компонента. Овие предмети се изработувани главно од крајот на XVIII до средината на XX век.
Помал број од предметите од збирката се изработени од други метали - месинг, железо и олово. Месинганите предмети се производ на леарскиот, железните на ковачкиот, а оловните на павурџискиот занает.
М-р Елизабета Конеска, кустос советник
Дарко Кржовски, виш кустос, e-mail:
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
фотогалерија















