Куќата претставува објект - живеалиште која има повеќевековен развој и континуитет во градителската традиција на овие простори.
Наједноставна форма на куќа претставува едноделната приземна куќа која била распространета на целата територија на Македонија во еден долг временски период.
Народната архитектура во Македонија достигнува најголем развој во периодот на XIX и почетокот на XX век, кога врз основа на општествените и економските можности на населението се создаваат услови за зголемување на бројот и големината на живеалиштата во градската и руралната средина.
Специфичната форма на градската и селската архитектура е добиена врз основа на особеностите на теренските услови, изборот на применетиот градежен материјал, развојот на градителската традиција и економските можности на семејството.
Селските населби во зависност од локацијата и поставеноста на објектите типолошки може да се поделат на збиен и раштркан тип на населба.
Маалата се формирани најчесто од неколку објекти кои потекнуваат од едно семејство. Најчесто маалата имаат средишен простор - сретсело, каде се поставува чешма, бунар или друг објект.
Селската куќа е формирана како резултат на прилагодување кон климатските услови, на конфигурацијата на теренот, употребата на градежниот материјал и економската моќ на семејството.
Во однос на висината разликуваме приземна, куќа со приземје и кат, со два и повеќе ката.
Во однос на просторното решение разликуваме едноделни куќи, комплексни куќи, братски куќи и куќи-кули.
Во однос на поврзаноста на внатрешниот и надворешниот простор има два вида на објекти: отворен (чардаклија) и затворен тип (куќи-кули).
Внатрешното уредување на селската куќа е со скромна содржина, со примена на едноставни конструктивно-естетски решенија. Најчесто се применуваат вградени елементи во конструкцијата на објектот, како долапи, мусандри, огништа, тавани, рафтови и други функционално-декоративни елементи. Мусандрите, долапите и внатрешните врати се со слична конструктивна концепција, со применета геометриска декорација на челните површини, формирајќи складна стилска концепција на ентериерот.
Збирката на резбани таваници содржи 40 комплети на резбани предмети, комплетни соби, таваници, делови од мусандри, столбови, капители, колца и други предмети од ентериерот на селската или градската одаја.
Народната архитектура во Музејот на Македонија го сочинуваат цртежи, фотографии и слајдови како дел од централната музејска документација.
Д-р Петар Намичев, кустос советник, e-mail:
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
фотогалерија















