ОДДЕЛ ЗА ЕТНОЛОГИЈА |
Прибирањето на етнографските предмети во Македонија започнува во 1920 год. кога во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје се формираат збирки како надгледно средство на студентите. Во 1925 год. е формиран музеј од комплексен тип каде што егзистира етнографското одделение. За време на Втората светска војна ова одделение ја продолжува својата работа во состав на тогашниот Народен музеј на Македонија со археолошко и етнолошко одделение. Во 1949 год., етнографското одделение прераснува во посебна институција - Етнолошки музеј на Македонија. Од 1977 год. Етнолошкиот музеј продолжува да работи во рамките на Музеите на Македонија - Археолошки, Етнолошки и Историски.
Уште од своето формирање, Етнолошкиот музеј ја има задачата да го прибере, проучи и сочува етнолошкото културно наследство на нашата земја и преку своја изложбена, издавачка и едукативна дејност да го направи достапно на јавноста.
Денеска, музејот содржи околу 18.000 етнолошки предмети кои хронолошки датираат од X до XX век.
Збирки:
|
|
НАРОДНИ НОСИИ
Најобемната збирка во Етнолошкиот оддел е збирката на Народни носии. Таа опфаќа повеќе од 10.000 предмети. Збирката се состои од народни носии на македонско како и на албанското, турското, ромското и влашкото население од сите региони на Македонија.
Најголемиот дел од овие предмети потекнуваат од крајот на XIX век и почетокот на XX век. Одлика на народните носии во Македонија е сочуваноста на многу архаични елементи како во однос на кројките и формите на поедини нејзини елементи така и во начинот на нивното украсување. Збирката содржи комплети на женски, машки и детски носии, свадбени, празнични и секојдневни. Останатиот дел од збирката содржи детали од овие носии. 
Носиите се изработени од домашни материјали како волна, памук, лен и свила. Применувајќи традиционални технички средства и технолошки постапки, македонската жена сама ги подготвувала материјалите и ги изработувала носиите за себе и за своето семејство. Само горните клашнени облеки ги изработувале градски и селски занаетчии.
Секој предел и секоја етничка група во Македонија имала своја посебна носија, која се разликувала од носијата на соседниот регион по своите стилски и естетски карактеристики. Секоја носија претставува комплетно оформена уметничка творба, изработена од текстилен материјал, обоена во разни бои и тонови, украсена со разновидни извезени или вткаени орнаментални мотиви и дополнета со разновиден накит и други украси.
Горданче Видиниќ, кустос советник
Петрула Карадафов, кустос советник
Сања Димовска, виш кустос, e-mail: sanjasdimovska@yahoo.com
|
|
|
НАРОДЕН НАКИТ И ЗАНАЕТИ
Збирката содржи околу 3400 предмети. Составена е од метален и монистрен накит, оружје, прибор за пушење, амајлии, разновидни религиозни предмети : опкови за икони, опкови за евангелиа, крстови за домашна намена и луксузна покуќнина. Збирката поседува и алатки од ковенџискиот занает.
 Од накитот најбројни се пафтите - невестински украс за појас, потоа прстени, колани, разновидни украси за врат и гради, обетки и украси за глава и нараквици. Изработени се од најразновидни материјали: месинг, бакар, сребро, легури на сребро, злато. Застапени се сите техники за обработка на метал: леење, ковење, филигран, ажурирање, лемење.
Монистрениот накит е рачна изработка.Тоа се: колани, нараквици, ѓердани, разновидни ќустеци, амајлии, украси за коса и чело, украси за машки чорапи "дизгии".
Составен дел на збирката се и предмети поврзани со ковенџискиот, седефкарскиот,чибукчискиот и пушкарскиот занает.
Повеќето предмети потекнуваат од втората половина на XVIII до првата половина на XX век, а неколку примероци од XIV, XV и XVI век.
Милена Петровиќ, кустос советник |
|
|
НАРОДНИ ТКАЕНИЦИ
Збирката народни ткаеници ја сочинуваат околу 1200 домашно изработени предмети кои имаат утилитарна, украсна и обредна функција во опремата на традиционалната селска и градска куќа во Македонија. Предметите потекнуваат од средината на XIX век до втората половина на XX век од сите краишта на Македонија.
Најрепрезентативни примероци во збирката се килимите, пред се, големите килими за постилање на градските гостински одаи, но естетски не помалку вредни се и селските килмичиња за на коњ, користени во свадбените церемонии.
Значајна е и збирката на волнени и козинави валани покривачи и постилачи за спиење. Во градските куќи се користеле и чаршафи, прекривки за кревет, пердиња и крпи. Големиот број на перници, торби, крпи и пелени имале примена во секојдневниот и обредниот живот на луѓето во селото и градот.
Ткаенините во збирката се изработени од домашна преѓа од волна, козина, лен, коноп, памук и свила, исткаени речиси исклучиво на хоризонтален разбој. Основни техники на ткаење се литото и четворното изведени со помош на совелка, прсти, штички, жица или врзување на рески.
Во збирката има од наједноставни ткаенини во природната боја на материјалот без орнаментика до полихромни ткаеници со извонредно богата орнаментика. Во орнаментиката доминираат геометриските мотиви или пак растителни, животински и човечки фигури изведени во геометриска стилизација.
Јасемин Назим, кустос советник, e-mail: jaseminnazim@yahoo.com
Фима Трајковска, кустос советник, e-mail: fima.trajkovska@freemail.com.mk
|
|
|
НАРОДНО СТОПАНСТВО
Збирката Народно стопанство - располага со 832 предмети групирани по функција  во различни стопански гранки. Најбројни се етнолошките предмети од земјоделството и сточарството .
Земјоделството како фундаментална стопанска активност во Македонија е поделено на повеќе дејности и тоа: поледелство, фуражно земјоделство, градинарство, индустриско земјоделсво, лозарство, овоштарство и шумско стопанство.
Поледелството е претставено со справи, алатки и прибор за подготвување на почва за засејување житни култури (рала, јареми, гужви, токмаци - пупалиња). Справи и прибор за сеење житни култури (брани),алатки за жнеење (српови, паламидарки, колчиња - витли). За пренос на слама и сено (набодњи, врзми, дрвени коли со две и со четири тркала, сањи).За вршење и веење житни култури, чукање 'рж (куки, вили, гребла, метли, лопати - дрвени, дрмоњ, решета, фркачки - чукалки, дикањи). Мерници за жито и садови за чување жито, житно семе, храна  и слама( шиници, кутли, коруби, бучуци, кошеви, амбари). Прибор за ронење пченкарни класови (кош , троначка, леса , боаљка).
Земјоделските алатки и прибор се самоделски изработки со исклучок на металните делови кои се фабричка или ковачка изработка.
Збирката Народно стопанство располага и со алатки за различна намена, предмети како личен прибор и макети на воденици: динга, коло со долап - чарк, даљани, мандри, бачила, чунови и др.
Боре Неделковски, кустос советник
|
|
ПЧЕЛАРСТВО
Музејот на Македонија располага со 9 експонати од областа на пчеларството.
Со пчеларство се занимавало скоро секое домаќинство,особено во планинските и подпланинските села,затоа што тука постоеле поволни климатски услови за одгледување на пчели. Дивите пчели во природата живееле во карпите и дрвјата. Луѓето ги сечеле деловите од дрвјата каде што се наоѓале пчелите и ги пренсувале во близина на своите домови.Овие први живеалишта на пчелите се нарекувале букариња.
Најраспространето било одгледувањето на пчелите во кошници-трмки или улушки исплетени од прачки и повит,кои како заштита од дожд и сонце имале покривач од р'женица.
Сузана Андоновска, виш кустос |
|
РИБАРСТВО
 Збирката има 77 експонати. Рибата се ловела со сак, сертмевршка, ости,а како главни средства со кои се ловела рибата по езерата биле влечните мрежи или влаковите и стоечките мрежи.
Покарактеристични риболовни средства во Македонија биле преградните инсталации на принципот лавиринти, кои биле направени од густо исплетени прачки или трска.Тоа се струшките далјани на реката Дрим и Мандрите на Дојранското езеро.
Сузана Андоновска, виш кустос
|
|
СТОЧАРСТВО
Од областа на сточарството Музејот на Македонија располага со 194 експонати кои се употребуваат како прибор и садови за одгледување на на стадата и преработка на млекото.Како прибор овчарите со себе носат јанџик или тагарџик на рамо,мало букаре за вода, ноже, дрвен прибор за јадење,дрвен стап крлуг за фаќање на овците и кавал,шупелка или дудук за свирење. За одгледување на стадата и преработка на млекото во млечни производи се користат разни видови звонци, ножици-крклизи,дамки за бележење на овците со катран,разни видови дрвени ведра за молзење на млекото,каци сирници во кои се потсирува млекото и друг прибор.
Боре Неделковски, кустос советник
|
|
ЛОВ
Во средниот век ловот служел за забава на претставниците на повисоките слоеви во општеството.За разлика од нив селаните се занимавале со лов за добивање на месо,кожа или крзно и за заштита од разни видови диви животни.Во ловот се употребувале разни видови примки,стапици,копанки и слично.
Сузана Андоновска, виш кустос |
|
|
НАРОДНАТА АРХИТЕКТУРА И РЕЗБА ВО МАКЕДОНИЈА
Народната архитектура во Македонија достигнува најголем развој во периодот на XIX и почетокот на XX век, кога врз основа на општествените и економските  можности на населението се создаваат услови за зголемување на бројот и големината на живеалиштата во градската и руралната средина.
Специфичната форма на градската и селската архитектура е добиена врз основа на особеностите на теренските услови, изборот на применетиот градежен материјал, развојот на градителската традиција и економските можности на семејството.
Селските населби во зависност од локацијата и поставеноста на објектите може типолошки да се поделата на збиени и раштркан тип на населба.
Маалата се формирани најчесто од неколку објекти кои потекнуваат од едно семејство. Најчесто маалата имаат средишен простор-средсело, каде се поставува чешма, бунар или друг објект
Куќата претставува објект-живеалиште која има повеќевековен развој и континуитет во градителската традиција на овие простори.
Селската куќа е формирана како резултат на прилагодување кон климатските услови, на конфигурацијата на теренот, употребата на градежниот материјал и економската моќ на семејството. Во однос на висината разликуваме приземна, куќа со приземје и кат, со два и повеќе ката. Во однос на просторното решение разликуваме; едноделни куќи, комплексни куќи, братски куќи и куќи-кули.
Во однос на поврзаноста на внатрешниот и надворешниот простор разликуваме отворен (чардаклија) и затворен тип на објекти (куќи-кули).
Наједноставна форма на куќа претставува едноделната приземна куќа која била распространета на целата територија на Македонија во еден долг временски период.
Внатрешното уредување на селската куќа е со скромна содржина, со  примена на едноставни конструктивно-естетски решенија. Најчесто се применуваат вградени елементи во конструкцијата на објектот, како долапи, мусандри, огништа, тавани, рафтови и други функционално - декоративни елементи. Мусандрите, долапите и внатрешните врати се со слична конструктивна концепција, со применета геометриска декорација на челните површини, формирајќи складна стилска концепција на ентериерот.
Збирката на резбани таваници содржи 40 комплети на резбани предмети, комплетни соби, таваници, делови од мусандри, столбови, капители, колца и други предмети од ентериерпт на селската или градската одаја.
Народната архитектура во музејот го сочинуваат цртежи, фотографии и слајдови како дел од централната музејска документација.
Д-р Петар Намичев, кустос советник, e-mail: petarnamicev@yahoo.com |
|
|
НАРОДНА КЕРАМИКА
Грнчарството до неодамна бил еден од најважните занаети во народното творештво на материјална култура во Македонија .
Збирката на Етнолошкиот оддел поседува 735 предмети кои потекнуваат од различни грнчарски центри: Скопје, Велес, Ресен, Струга. Изработувани се во временски период од втората половина на 19 век па се до денес.
Називи на предметите: црепна, грне, бардак, тенџере, тава, каленица, врчва, ќуп, ока, крстелница, мангал, ибрик, кондир, паур, авланка, итн.
Гордан Николов, виш кустос, e-mail: gordan01@freemail.com.mk |
|
|
ПОРЦЕЛАН И СТАКЛО
Порцеланот и стаклото се застапени со 75 предмети, и се значаен репрезент на градската култура. Еден дел се изработени во Холандија, Англија и други европски земји, а дел се од домашно производство.
Називи на предметите: тањири, пепелници, лампи, чаши, вазни и др.
Гордан Николов, виш кустос, e-mail: gordan01@freemail.com.mk
|
|
|
ЛИКОВНИ ДЕЛА СО ЕТНО МОТИВИ
Ликовните дела со етно - мотиви, вкупно 83, се од познати македонски уметници: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски - Пандилов, Томо Владимирски, и др. Претставени се мотиви од секојдневниот живот на населението.
Гордан Николов, виш кустос, e-mail: gordan01@freemail.com.mk
|
|
|
НАРОДНИ МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ
Збирката на народни музички инструменти во Етнолошкиот оддел брои вкупно 111 предмети.Народните музички инструменти во збирката на Музејот се дојдени по пат на откуп и подарок. Сите инструменти се рачно изработени од самите свирачи или од занаетчиите кои произведуваат народни музички инструменти. Од фабричко производство во збирката има само два предмети (флејта и кларинет).
Збирката на народни музички инструменти е класифицирана според општо прифатената систематизација во основните групи: идиофони,мембранофони, кордофони и аерофони.
М-р Владимир Боцев, кустос советник, e-mail: bocmuseu@freemail.com.mk
|
|
|
НАРОДНИ ОБИЧАИ
Истражувањата на народните обичаи во Музејот можат да се следат од неговото формирање до денес.
За тоа сведочат бројните фотографии од разни обичаи во музејската фототека. Особено се истражувале обичаите поврзани со календарот, Бадник, Џамала, Русалии, Велигден, Ѓурѓовден и др. Од обичаите поврзани со животот на човекот  детално се истражени Галичката свадба и мариовската свадба. За сите овие обичаи има богата фото документација. Интересно е да се каже дека првите три депонирани фотографии во музејската фототека се снимени во Скопското село Усје и прикажуваат моменти од обичајот Курбан.
Музејот, има комплетна фото документација за голем број обичаи со маски од цела Македонија и комплетна документација за голем број на курбани ( обичаи во кои е содржана крвната жртва).
Покрај фотографии во музејското депо се чуваат предмети што се поврзани со изведување на овие обичаи.
Во постојаната поставка претставени се обичаите Бадник, Русалии, Џамала, Водици, Галичка свадба и Велигден.
Многу значаен и битен дел на оваа збирка се документарните етнолошки филмови што се подготвуваат уште со самите почетоци од работата на Етнолошкиот музеј. Така во средината на педесеттите години на ЏЏ век во продукција на Музејот снимени се етнолошките документарни филмови Русалии, Велигденски обичаи, Галичка свадба, а подоцна снимени се етнолошките документарни филмови Мариовска свадба и Катлановско блато. Од новата продукција на етнолошки документарни филмови ќе ги споменеме Курбан, Џоломари, Бабарот што враќа кусур, Во името на Господ, Самовилска вода.
Овие етнолошки документарни филмови се подготвени од повеќе од 126 часа видео документарен матерјал од разни обичаи, што се чува во Музејот.
М-р Владимир Боцев, кустос советник, e-mail: bocmuseu@freemail.com.mk
|
|
|
ДРВЕНИ ПОКУЌНИНСКИ ПРЕДМЕТИ И ДРВОПРЕРАБОТУВАЧКИ ЗАНАЕТИ
Дрвото како природен материјал кој е лесен за обработка и обликување, наоѓа голема примена во изработка на покуќнинските предмети од најстаро време до денес. Предметите биле изработувани од разни видови дрво: даб, бука, липа, јавор, брест, топола, орев, врба и др.,во наједноставни занаетчиски техники и со примитивен алат : секира, тесла, нож, земало.
Збирката брои 1350 предмети, кои имале применета функција во секојдневниот живот. Збирката е тематски поделена на повеќе колекции.
Предмети кои се користеле за подготвување, служење, чување и складирање на храната: чупани, вагани, копани, чаши, лучници, лажици, црпалки, текниња за месење леб, ноќви , брашненици, дибеци, карти, букли, бутини софри, таруни, разни видови корпи, сита.
Од ентериерни предмети карактеристични за селската и за градс ката куќа се кофчезите за облека. Ги има од најобични без декорација до богато украсени со разни техники и материјали : плитка резба, апликации од метал, кожа, инкрустрација од седеф, обоени и сл. Потоа разни видови столчиња: троножни, со потпирач и без потпирач и клупи. Водници за поставување на садовите за вода и разни корита .
Алатките за преработка на текстилни влакна и изработка на текстил: разни видови фурки, вретена, гребени, летки за моткање конци, мотовила, витли, чокани, чекреци, разбои за ткаење, трлици за чукање коноп и др.
Милка Крстевска, кустос советник
|
|
|
МЕТАЛНИ ПОКУЌНИНСКИ ПРЕДМЕТИ И МЕТАЛОПРЕРАБОТУВАЧКИ ЗАНАЕТИ
Збирката метални покуќнински предмети содржи повеќе од 1100 предмети. Најголем број од садовите се изработени од бакар, а нивната намена главно била за домаќинството и за одржување на личната хигиена. Бакарните садови во почетокот биле специфични само за градската култура, а подоцна се прошируваат и во руралната средина каде што се задржани и до денес. Дел од овие садови и предмети биле и со сакрална намена во домовите или во верските јавни објекти како и со производствена намена кај некои занаети.
Бакарните предмети и садови се производи на казанџискиот занает. Калајџискиот занает, неопходен за одржување - калаисување на бакарните садови постоел паралелено, а бил и составен дел на казанџискиот занает.
Најголем број предмети се изработени од локални мајстори во градовите во Македонија, а само мал дел се донесени од други центри, главно од Исток. Најзначајни центри за казанџискиот занает во Македонија биле Прилеп, Штип, Скопје и Битола. Од градот Крушево потекнувале најголем број мајстори калајџии кои работеле на поширокиот дел од Балканот.
Основната функција на бакарните садови е утилитарната. Голем број од овие предмети содржат занаетчиско-уметничка компонента. Временски овие предмети припаѓат главно од крајот на XVIII до средината на XX век.
Според досегашните наши сознанија колекцијата на бакарни садови во Музејот на Македонија е една од најбогатите збирки на овој вид предмети на поширокиот простор на Балканот.
Помал број од предметите од збирката се изработени од други метали како што се: месинг, железо и олово. Месинганите предмети се производ на леарскиот, железните на ковачкиот, оловните на павурџискиот занает.
М-р Елизабета Конеска, кустос советник
Дарко Кржовски, виш кустос, e-mail: dkrzovski@yahoo.com |
|
|