Словенско-византиски период

Е-пошта Печати PDF

Средновековната археолошка збирка од X до XIV век е богата колекција на накит од преку 800 предмети од истражените средновековни некрополи - Црквиште, Манастир, Мородвис, Бистренци - Демир Капија, Цигански гробишта - Радолишта, Гробче - Кочани и Виничко Кале.

Од накитот најзастапени се обетките - алки од тенка бронзена, бакарна и поретко сребрена жица со висулци, мониста, потоа наушници со јагоди и гроздоликите обетки. Постои уште еден карактеристичен тип - Курбиново наушници, откриени во охридско-преспанскиот крај, Дојран и Демир Капија.

Бронзени белегзии, од двојно свиена жица со отворени краеви, оформени во облик на копци, се карактеристични за сите наоѓалишта од Дунав до Коринт, а кај нас се застапени редовно во сите некрополи. Металните белегзии се изведени од широк тенок лим, украсени со гравирани геометриски или растителни орнаменти или пунктирани точки.

Чести наоди се и белегзиите од стаклена паста во најразлични бои, од кобалтно сино, виолетово, зелено, со сликани геометриски, флорални, или со тенки аплицирани или тордирани нишки.

Прстените по својот облик, обработката на алката и по решението на главата можат да се поделат во неколку основни групи кои имаат повеќе варијанти. Меѓу постарите прстени се оние со купести глави изведени од филигранска жица и гранулирани зрна, а понекогаш и од плетена жица, како и прстените со пирамидални задебелувања на круната и странично од неа.

Најголемиот број прстени се датирани во XII-XIV век. Тие се со кружни или елипсести глави, украсени со растителни, животински и геометриски орнаменти, крстови, монограми и претстави на човечки фигури.

Лидија Блажевскa, виш кустос

фотогалерија

 
Банер

Настани

април 2012 мај 2012 јуни 2012
По Вт Ср Че Пе Са Не
1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31