Преселба на народите

Е-пошта Печати PDF

image020.gifАрхеолошката збирка посветена на преселбата на народите обединува мала група предмети карактеристични за миграциите од крајот на доцната антика и раниот среден век. Наспроти продорите на германските и хунските народи во текот на IV и V век, кои длабоко ја вознемириле моќната доцноимска империја не успевајќи да остават подлабоки траги врз нејзиниот интегритет на Балканот, појавата на бројните словенски, аварски и кутригурски племиња, во VI век ја навестиле новата епоха на темниот среден век, наметнувајќи целосна промена на етничката, социјалната, културната и политичката структура на Балканскиот Полуостров.

Иако трагите од живеењето на најраните Словени на територијата на Република Македонија не се бројни, нив сепак најасно ги препознаваме во рачно работените грнци претставени со примерокот од локалитетот Варница, с. Стар Караорман, Штип и бардакот од с. Виничани, Велес, а кругот на магиско-ритуалните анимистички верувања во фрагментираната бронзена фибула од истиот локалитет, како и сребрената апликација со човечки лик од Баргала, сите датирани во VII в.

Бронзениот коњанички амулет со претстава на човечка глава врз седлото на коњ во галоп во себе ги овоплотува номадските верувања на ритуалниот круг на Тангара и шаманистичките обреди на приближување на земниот свет, светот на божествата и светот на духовите, од почетокот на VI до VII/IX в., с. Зовиќ, Битола.

Најголем дел од предметите (торквес, масивни фибули и ножиња, приврзоци со изразено геометризирана форма, и женските накитни форми: масивни наушници, шаренолики низи на стаклени мониста и еден приврзок крст) ѝ припаѓаат на специфичната култура Комани-Крује која само со еден дел проектира на територијата на Република Македонија на локалитетите Цигански гробишта, с. Радолишта, Струга и Св. Еразмо, Охрид.

Компактноста на оваа културна група типична за целиот ран среден век, VI - IX век, го одразува влијанието на сеуште моќната Византиска империја во управувањето со Балканот, разместувањето на словенските племиња и војничките посади на стратешки места долж патиштата, контролирајќи ги помалку или повеќе движењата, контактите, трговијата, преселувањата и зближувајќи ги новонаселените со староседелците, запознавајќи ги за заедничко живеење во светот на зрелиот среден век и новото феудално општество.image021.jpg

м-р Љубинка Џидрова, виш кустос, e-mail: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

фотогалерија

 
Банер

Настани

април 2012 мај 2012 јуни 2012
По Вт Ср Че Пе Са Не
1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31