Со поразот на Пидна 168 год. пр.н. е. во битката помеѓу Персеј и римскиот војсководач Емилиј Паул, Македонија ја загубила својата самостојност. Отпрвин била поделена на четири мериди (области), со привидна самостојност и право на ковање пари, за конечно во 148 год. пр.н. е. да биде претворена во прва Римска провинција на Балканот.
Разгранетоста на патните комуникации (Егнацискиот, Вардарскиот и Дијагоналниот пат), овозможила брз развој на градовите како Скупи, Стоби, Хераклеа, Лихнид и др., кои доживеале виден подем уште на почетокот на I век. Тие добиле лик на урбани центри со улици, храмови, театри, бањи, портици и сето она што е римска концепција за еден град во тоа време, достигнувајќи ја кулминацијата на урбаниот развој во текот на II и III век .
Во поставката од овој период е презентиран најразличен археолошки материјал од I до IV век. Застапена е керамопластиката на поголем број теракоти: богинки, животни, птици, човечки претстави, при што го издвојуваме стобското депо на теракоти.
Погребниот ритуал има свои специфики во времето на римското владеење. Се издвојува погребувањето под могили (тумули). Како најкарактеристични се издвојуваат могилата кај с. Отошница, Крива Паланка како и Кнежевската могила од с. Крст - Таринци, Штип. Се истакнуваат вонредните гробни наоди на бронзените посребрени паници, бронзени делови од коњска опрема, оружје, ѓердани од стаклена паста, бронзени светилки, златен накит како и многу најразлични керамички садови.
Во слободниот простор во изложбените сали презентирани се скулпторски дела - портретни статуи и бисти на божества, како на пр., статуетата на богот Асклепиј, на Дионис, богинката Хигија, статуа на император, бистите на Орест и Филоксен кои претставуваат скулпторско совршенство.
Цоне Крстевски, кустос советник
Михаил Стојаноски, кустос, e-mail:
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
фотогалерија















