музејска продавница
 
  Оддели
 
 
  Контакти
ОДДЕЛ ЗА АРХЕОЛОГИЈА

Одделот за Археологија е формиран во 1977 год., и истиот прераснал во Археолошки музеј на Скопје во рамките на новоформираната институција - Музеј на Македонија. Примарните активности на Одделот се собирање, истражување, заштита и презентирање на археолошкото богатство на Р. Македонија. Постојаната изложба на Музејот на Македонија содржи археолошки предмети собрани воглавно од ископувањата низ целата држава.
Овие артефакти, хронолошки се презентирани низ следниве збирки:




ПАЛЕОЛИТ

Палеолитот (старо камено време) го опфаќа периодот од 650.000 до 10.000 год. пред н.е.
Првите случајни наоди од старо камено време потекнуваат од ј/з Македонија, од регионот на Пелагонија (селата Буково и Крст кај Битола). Тоа се две камени орудија од кварцит и кварц. Овие артефакти не се наоѓаат во нашата земја и за нив немаме сигурни податоци, а широко се определени во ашелен и мустериен.
При палеонтолошките сондирања во 1955/65 во средниот дел на Македонија во пештерата Макаровец (кај Велес) се откриени пет артефакти несигурно определени во горен палеолит, како и горноплеистоценска фауна потврдена со фосилни остатоци од: пештерни мечки (Ursus spelaeus), хиени (Crocutasp.), лав (Panthera sp.), козорог (Capra ibex), волк (Vulpes vulpes), лисица (Canis pupus), коњ (Equus caballus), магаре (Equus xydruntinus). Токму овој локалитет преставува репер во идните први археолошки рекогносцирања насочени кон палеолитот. Во 1998 г. западно од Вардар во клисура Пешти по течението на реката Бабуна (кај Велес) извршена е проспекција на десет пештери и подкарпи, а за потенцијални праисториски живеалишта се издвоени две локации кои во иднина треба пробно да се сондираат.
Во 1999 г. следат втори рекогносцирања во средниот дел на Западна Македонија во регионот Порече. Евидентирани се 19 пештери и подкарпи по течението на реката Треска. Во пештерата "Голема Пешт" (кај с. Здуње) е извршено пробно сондирање,каде се потврдени 12 геолошки слоеви, откриени се 236 артефакти, од кои 26 се орудија со отсуство на типични и карактеристични белези за определување во одредена култура или фациес. Преовладуваат ретуширани одбитоци (десет), четири стругала, пет струшки, едно сечило и шест микројадра. Доминантна суровина е кварц и кварцит, а помалку е застапен кременот. Заклучоците за фрагментираниот фаунски материјал засега отсаствуваат како и физичко-хемиските анализи.)
Во 2001 г. активностите се базираа врз убицирање на лежишта богати со силикатни суровини во јужна и источна Македонија и ревидирање и проспекција на 13 локации по течението на Црна Река и Злетовска Река. Потенцијални живеалишта на отворено не се потврдени, но бидејќи се работи за временски куси проекти, очекуваме нови информации со понатамошните истражувања.

Љиљана Шаламанов Коробар, виш кустос,
e-mail:
ljiljasalamanovkorobar@yahoo.com


НЕОЛИТ

Неолитот (7000-3500 год. пред н.е.) ја претставува првата, најзначајна етапа од културно-историскиот развиток на човештвото. Еволуцијата на неолитот во Македонија е поделена на три развојни фази: ран, среден и доцен неолит.
Неолитската збирка ја сочинуваат предмети од материјалната култура откриени со истражувањата на населбите од Источна Македонија, Скопската котлина и Полог. Воглавно тоа се предмети од керамика, рачно работени. Орудијата се правени од вулкански и кварцни карпи во облик на секири, мотики, длета, ножеви. Од коска биле правени шила, игли и накит.



Ранонеолитската керамика е претставена со неколку садови и фрагменти од населбите Анзабегово и Канли Чаир кај с. Дамјан - Радовиш. Украсени се со втиснување, штипнување и слика со бела боја на црвена основа што е карактеристично за оваа фаза.
Средниот неолит е претставен преку една група на керамички садови како што се аскосите, амфорите и пехарите кои потекнуваат од населбите Тумба Маџари, Мршевци и Анзабегово.


Посебно интересна група на предмети претставуваат оние со скулптурални, антропоморфни и зооморфни претстави и садови жртвеници, поврзани со религијата и верувањата.

Од фигурите најголемо внимание привлекува Божицата пронајдена во Тумба Маџари моделирана во комбинација со објект-жртвеник што асоцира на куќа. Покрај антропоморфните претставени се и зооморфни фигурини со претстави на козорог, овца, животно демон, како и садови жртвеници кои личат на масички со три или четри нозе украсени со врежани орнаменти.

Доцниот неолит е претставен со неколку примероци од керамички садови и култни предмети. Керамиката е од Анзабегово, монохромни по боја украсувана со мотиви од плитки канелури и боцкани орнаменти. Култната пластика посебно антропоморфната е стилизирана.
Доцниот неолит завршил кон крајот на IV милениум пред н.е., а со тоа и неолитот како културно-историска епоха.

Д-р Драгиша Здравковски, кустос советник, e-mail: dragicez@yahoo.com
Марија Атанасова, кустос
Елена Стојанова Канзурова, кустос e-mail: elena_mk2004@hotmail.com


ЕНЕОЛИТ

Енеолитот го опфаќа периодот од 4.500 - 2000 год. пред н.е. Првите сознанија за овој период, археолошките ископувања и истражувања биле извршени пред повеќе од педесетина години. Тогаш за прв пат е констатирана енеолитската населба на Скопското Кале, неколкуте во Пелагонија, како: Шуплевец, Бакарно Гумно, Црнобуки, Висок Рид, Горни Висои, Крушеанска Чука, Тумба-Карамани. Во охридско-преспанскиот регион се регистрирани две населби: Устие на Дрим и "Црквени Ливади". Во поново време во кумановско, констатирана е енеолитска населба на Костоперска Карпа, "Жеглиговски Камен", во скопско "Врањак", во делчевско "Градиште" кај с. Град, а во кочанско "Пилаво". Археолозите се согласија регионалната културна група во Македонија да ја наречат Шуплевец-Бакарно Гумно, која што хронолошки се вклопува во пошироки територијални рамки, во културниот комплекс Бубањ-Салкуца-Криводол.
Од сите наведени локалитети презентирани се 160 експонати движен археолошки материјал во салите на Музеј на Македонија.Тоа се разновидни керамички садови, алатки изработени од бакар, коска, камен, кремен, глинени тегови и прешлени, амајлии, накит од школки, зооморфни и антропоморфни фигурини, пинтадери и друго. Документацијата и преостанатиот материјал се чуваат во Музејот.
За енеолитот во Македонија објавено е во повеќе наши и странски стручни списанија, а основните податоци може да се добијат од Археолошката карта на Македонија бр.1 и бр.2.

Ирена Настева Колиштркоска, виш кустос


БРОНЗЕНО ВРЕМЕ

Бронзеното време го опфаќа периодот 2000 - 1200 пред н.е. Збирката од бронзено време се состои од 200 предмети, од кои 59 се во изложбените сали. Презентираниот материјал кој воглавно го сочинува керамички артефакти, скоро целосно ја покрива територијата на Р. Македонија и дава одредена слика за животот на бронзеното време во Р. Македонија.

Новите археолошки истражувања на некрополите по долината на р. Вардар "Димов Гроб" и "Водовратски Пат" кај Градско, ги откриваат силните врски на нашата територија и развиениот Егејски југ.
Во збирката се застапени предмети од следниве локалитети: " Тумба " с. Радобар, " Тумба " с. Кравари и " Тумба " с. Канино од пелагонискиот регион. " Прибовце" с. Лопате, " На Брег" с. М. Нагоричане од кумановскиот регион. " Св. Недела" с. Асамати, " Црквени Ливади" од охридскиот - преспанскиот регион. По долината на р. Вардар " Кофилак" кај Гевгелија, "Варници " и " Градиште " кај Демир Капија , " Димов Гроб " и " Столот" с. Уланци и "Водовратски Пат " с. Водоврати кај Градско. Локалитетите " Кале " - Скопје, " Долно Соње " Скопје и " Долна Бежанија " с. Криви Дол кај Штип.

М-р Златко Видески, виш кустос, e-mail: zvideski@yahoo.com

ЖЕЛЕЗНО ВРЕМЕ

Експонатите од железно време (предмети од керамика, железо,бронза и килибар) се собрани од археолошките истражувања на железнодопските некрополи во Р. Македонија. Нивната хронологија се следи од крајот на бронзеното време, од крајот на XIII и почетокот на XII век пред н.е., па се до раноантичкиот период, поточно V век пред н.е.
Крајот на бронзеното време е определен со неколку поединечни микенски наоди, како што се бронзениот меч од Тетово или пак локалните копии на микенски садови од Демир Капија. Бројните миграциони движења на разни полулации кои го опфатиле просторот од Средна Европа до Египет, носат нови, дотогаш непознати елементи во материјалната култура, определени како северни: бронзен меч - делчевско, лачна фибула од т.н. Либурнски тип од Будур Чифлик, материјалот од некрополата Хиподром, кој е вистинска алка меѓу бронзенодопските културни вредности и придобивките на железното време.
Развиеното железно време го опфаќа периодот на VIII и VII век пред н.е., време на целосно стабилизирани и развиени локални културни вредности на три големи културни групи: Пајонската, Пелагонската и Охридска или Требенишка културна група. Овие вредности најдобро се изразени преку гробните прилози од Долно Повардарие: окер печени садови работени на грнчарско колце, лентесто боени со мат - црвена боја, или садовите со мат сликана геометриска орнаментика од западна Македонија, потоа разните типови на фибули, белегзии, торквеси и токи. Особено место им припаѓа на т.н. Македонски бронзи - бронзени привезоци, амулети и висулци, кои претставуваат уметнички израз на единствени религиозни сфаќања на населението од овој дел на Балканот, датирани во VII - VI век пред н.е.

Доцното железно време (VI - V век пред н.е.) претставува последна фаза во развојот на железното време во Македонија, која е обележана со влијанија од хеленската, доцноархајска култура и импортирани предмети, главно од југ. Најпознатиот предмет во нашата збирка од овој период е Тетовската Менада, бронзен украс веројатно на голем бронзен сад, најавувајќи го античкиот период.

Страхил Темов, виш кустос, e-mail: temovstrahil@yahoo.com
Александра Папазовска Санев, кустос, e-mail: papazsan@yahoo.com


ПРЕДРИМСКИ ПЕРИОД

Збирката за предримски период содржи 397 експонати кои хронолошки, потекнуваат од V до крајот на II век пред н.е. Тоа е време на значајни општествени промени во животот на популациите што ја населувале територијата на Р. Македонија и поширокото централно балканско подрачје, а меѓу кои Пајонци, Македонци, Бриги, Дасарети, Линкести, Илири, Дарданци и други.
Изложените предмети се сведоштва на нивната развиена материјална култура, како и на економските, трговски и културни релации, особено со јужните, хеленски градови и колонии. За активното влијание на хеленскиот свет врз развојот на овие, за нив, "северни територии" сведочат бројните примери на разновидни ексклузивни предмети за домашна и лична употреба, донесени директно од центрите на античкиот свет Атина, Олинт, Пела, Амфиполис, Филипи. Таков пример е групата керамички садови во стилот на црвено-фигуралното сликарсство, пронајдени на локалитетите кај Демир Капија и Марвинци. Меѓу нив се издвојуваат повеќе форми што ќе ја одбележат раната антика: пелике, лекит, кантарос, скифос, а особено хидријата од Демир Капија, со претстава на Дионисовиот култ во стилот на големиот Медијас.
Ваквите и други форми стануваат се повеќе популарни во домашната (локална) продукција на садови. Заради задоволување на потребите на пазарот, при изработката на некои од нив, на пр. чашите за вино, започнува употреба на калапи.
Особено внимание привлекува накитот. Прекрасните дијадеми, обетки, гердани, белегзии, прстени, фибули, изработени во техника на филигран и гранулација, несомнено се продукт на големи мајстори на златарството. Во најголем случај овие предмети се пронајдени во античките некрополи во Р. Македонија (Исар-Марвинци, Жданец, Демир Капија, Охрид и др).
Како посебна група предмети, поврзани со религијата и култовите, се издвојуваат теракотните фигурини со антропоморфни и зооморфни претстави, но и рељефните стели, од чии натписи и мотиви дознаваме многу за духовната култура на овие наши далечни предци...
Оружјето е следна група експонати во поставката. Се издвојуваат повеќе мечеви, ножеви, врвови од копја и стрели од Исар-Марвинци, Жданец, Демир Капија и др. локалитети. Меѓу нив посебено место има уникатниот шлем од "Македонски" тип, пронајден во Исар-Марвинци кај Валандово.
Најкарактеристичниот сегмент на античката уметност е скулптурата. Се издвојува како посебна група експонати, повеќе камени и керамички "портрети", но и целосни антропоморфни и зооморфни фигури. Највпечатлив репрезент на предримската склуптура се секако двата бронзени Сатири, пронајдени на локалитетот Стоби, во близината на Велес.

Горан Санев, виш кустос, e-mail: sanev@hotmail.com

РИМСКИ ПЕРИОД

Со поразот на Пидна 168 год. пред н. е. во битката помеѓу Персеј и римскиот војсководач Емилие Паул, Македонија ја загубила својата самостојност. Отпрвин била поделена на четири мериди (области), со привидна самостојност и право на ковање пари, за конечно во 148 год. пред н. е. да биде претворена во прва Римска провинција на Балканот.
Разгранетоста на патните комуникации (Егнацискиот, Вардарскиот и Дијагоналниот пат), овозможила брз развој на градовите како Скупи, Стоби, Хераклеа, Лихнид и др., кои доживеале виден подем уште на почетокот на I век. Тие добиле лик на урбани центри: со улици, храмови, театри, бањи, портици и се она што е римска концепција за еден град во тоа време, достигнувајќи ја кулминацијата на урбаниот развој во текот на II и III век .
Хронолошки, во поставката од овој период е презентиран најразличен археолошки материјал од I до IV век. Застапена е керамопластиката на поголем број теракоти: богинки, животни, птици, човечки претстави, при што го издвојуваме стобското депо на теракоти.
Погребниот ритуал има свои специфики за време на римското владеење. Се издвојува погребувањето под могили (тумули). Како најкарактеристични се издвојуваат могилата кај с. Отошница- Крива Паланка како и Кнежевската могила од с. Крст - Таринци - Штип. Се истакнуваат вонредните гробни наоди на: бронзените посребрени паници, бронзени делови од коњска опрема, оружје, гердани од стаклена паста, бронзени светилки, златен накит како и мноштво најразлични керамички садови.
Во слободниот простор во изложбените сали презентирани се скулпторски дела - портретни статуи и бисти на божества, како на пример статуетата на богот Асклепиј на Дионис, богинката Хигија, статуа на император, бистите на Орест и Филоксен кои претставуваат скулпторско совршенство.

Цоне Крстевски, кустос советник
Михаил Стојаноски, кустос, e-mail: arheolog@hotmail.com

ДОЦНОАНТИЧКА ЗБИРКА

                     Доцноантичката збирка брои вкупно 516 предмети (керамички и стаклени садови, керамички и бронзени светилки, накит, декоративна пластика), кои го опфаќаат периодот од II - IV век. Во постојаната музејска поставка се изложени 184 предмети, карактеристични за втората значајна етапа на Римската империја и кои претставуваат одраз на новата доцноримска култура.
Групата доцноримски керамички садови, припаѓаат на категоријата доцноримска тера сигилата, и Клкни за зголемена слика - доцна антикадатирани се во IV век. Друга група се светилките, особено бронзените датирани во V век со ранохристијанска симболика.
Посебно значајни се гробните наоди од доцноантичкиот гроб од Таранеш кај Дебар, датиран во IV век. Вонредно богатиот гробен инвентар го сочинуваат стаклената чаша "диатрета" од т.н. Келнски тип, крстовидна фибула излиена од сурово злато со натпис во ниело техника, богато декорираната сребрена чинија, сребрена кана, две стаклени фиоли.


Мила Шурбаноска , кустос советник

ТЕРАКОТНИ ИКОНИ

Во годините помеѓу 1985 и 1988, на локалитетот Виничко Кале во Виница, меѓу урнатините на оваа мала градска населба, ископани се теракотни икони, засега единствени примероци од рановизантинската сакрална уметност на Балканот и во Европа.
Колекцијата ја сочинуваат 50-тина икони, при што 20-тина се откриени цели, а останатите во фрагменти.Сите претстави на теракотните икони се придружени со латински натписи изведени во рељеф, кој ги опишуваат сцените или ликот, при што во нив е вградена концизна теолошка порака. Библиските теми кои се најчести претстави, се сместени во 4 групи: Старозаветни сцени, илустрирани псалми, Христолошки претстави и претстави на ликови на христијански светители. Во оваа прилика ќе наброиме само по еден претставник од сите теми. "Јошуа и Калеб", "Даниел меѓу лавовите", "Константинов крст", "Св. Архангел Михаил".
Врз основа на историско-црковните прилики, иконографските, стилските и палеографските карактеристики, виничките теракотни икони временски се определени во VI, односно VII век. Стилските особености на виничкиот репертоар се изведени со помош на калап, во висок рељеф при што се доживува извонредна пластичност. Уметничките вредности на иконите се изразени преку христијанската достоинствена смиреност на старозаветните ликови и светители, симболичното значење преку зооморфните и вегетациските мотиви па се до силните и динамични движења на библиските коњаници.
Ова е најекспортираното културно богатство од Македонија во последните 15 години. Истите биле презентирани во 13 држави и над 25 европски градови:Ватикан, Виница, Загреб, Москва, Љубјана, Охрид, Скопје, Белград, Минхен, Вирцбург, Вајзенбург, Брегенц, Линц, Рим, Варшава, Анкара, Лисабон, Париз, Пула, Риека, Задар, Сплит, Осиек како и во австралискиот град Волонгог.

Цоне Крстевски, кустос советник

ПРЕСЕЛБА НА НАРОДИ

Археолошката збирка посветена на преселбата на народите обединува мала група на предмети карактеристични за миграциите од крајот на доцната антика и раниот среден век. Наспроти продорите на Германските и Хунските народи во текот на IV и V в., кои длабоко ја вознемириле моќната доцно Римска империја не успевајќи да остават подлабоки траги врз нејзиниот интегритет на Балканот, појавата на бројните Словенски, Аварски и Кутригурски племиња, во VI в., ја навестиле новата епоха на Темниот среден век, наметнувајќи целосна промена на етничката, социјалната, културната и политичката структура на Балканскиот Полуостров.
Иако трагите од живеењето на најраните Словени на територијата на Р. Македонија не се бројни, нив сепак најасно ги препознаваме во рачно работените грнци претставени со примерокот од лок. Варница, с. Стар Караорман, Штип и бардакот од с. Виничани, Велес, а кругот на магиско-ритуалните анимистички верувања во фрагментираната бронзена фибула од истиот локалитет, како и сребрената апликација со човечки лик од Баргала, сите датирани во VII в. Бронзениот коњанички амулет со претстава на човечка глава врз седлото на коњ во галоп во себе ги овоплотува номадските верувања на ритуалниот круг на Тангара и шаманистичките обреди на приближување на земниот свет, светот на божествата и светот на духовите, поч. VI - VII/IX в., с. Зовиќ, Битола.
Најголем дел од предметите:торквес, масивни фибули и ножиња, привезоци со изразито геометризирана форма, и женските накитни форми: масивни наушници, шаренолики низи на стаклени мониста и еден привезок крст, припаѓаат на специфичната култура Комани-Крује која само со еден дел проектира на територијата на Р. Македонија на локалитетите Цигански гробишта, с. Радолишта, Струга и Св. Ерзамо, Охрид. Компактноста на оваа културна група типична за целиот ран среден век, VI - IX в., го одразува влијанието на сеуште моќната Византиска империја во управувањето со Балканот, разместувањето на Словенските племиња и војничките посади на стратешки места долж патиштата, контролирајќи ги помалку или повеќе движењата, контактите, трговијата, преселувањата и зближувајќи ги новонаселениците со староседелците, запознавајќи ги за заедничко живеење во светот на зрелиот среден век и новото феудално општество.

М-р Љубинка Џидрова , виш кустос, e-mail: ljubinkadzidrova@yahoo.com

ВИЗАНТИСКО-СЛОВЕНСКИ ПЕРИОД
(ЕПИСКОПСКИ КОМПЛЕКС МОРОБИСДОН)



Доминатен дел од фондот на средновековната археологија на Музејот на Македонија потекнува од археолошкиот комплекс "МОРОБИСДОН" стекнат со систематски археолошки истражувања во периодот од 1980 до 1999 год.
Моробисдон е името на византискиот град што од IX в. до XIV в. ја носи тежината на политички и економски центар на источната половина од Вардарска Македонија. Христијанско средиште е уште во V в., и со одредени осцилации Клкни за зголемена слика на  прстен и алкиниз времето од првата половина на првиот милениум ја обележува црковната историја на Македонија.
Од богатиот истражуван архитектонски "потенцијал" постојат повеќе ефектни и високо естетски декоративни примероци, како што се керамопластични садови, релјефни иконографски и декоративни елементи, црковен инвентар, елементи од економиката (житна мелница, винска преса) монети. Особено се истакнуваат византискиот молибдул и турскиот печат како елементи за отсликување на одредени социолошки и економски моменти на тогашниот амбиент, како и најчестиот археолошки материјал кој произлегува од некрополите - накитот, застапен со прекрасни примероци на прочелници, ѓердани од школки, риби и полудраги камења и др.

Кирил Трајковски, кустос советник, e-mail: kiril951@gmail.com

СЛОВЕНСКО-ВИЗАНТИСКИ ПЕРИОД

Средновековната археолошка збирка од X до XIV век е богата колекција на накит од преку 800 предмети од истражените средновековни некрополи - Црквиште, Манастир, Мородвис, Бистренци - Демир Капија, Цигански гробишта - Радолишта, Гробче -Кочани и Виничко Кале.
Од накитот најзастапени се обетките - алки од тенка бронзена , бакарна и поретко сребрена жица со висулци, било да се со монистра. потоа наушници со јагоди и гроздоликите обетки. Постои уште еден карактеристичен тип - Курбиново наушници, откриени во охридско-преспанскиот крај, Дојран и Демир Капија.
Бронзени белегзии, од двојно свиена жица со отворени краеви, оформени во облик на копци, се карактеристични за сите наоѓалишта од Дунав до Коринт, а кај нас се застапени редовно во сите некрополи. Металните белегзии се изведени од широк тенок лим, украсени со гравирани геометриски или растителни орнаменти или пунктирани точки.
Чести наоди се и белегзиите од стаклена паста во најразлични бои, од кобално сино, виолетово, зелено, со сликани геометриски, флорални, или со тенки аплицирани или тордирани нишки.
Прстените по својот облик, обработка на алката и по решението на главата можат да се поделат во неколку основни групи кои имаат повеќе варијанти. Мегу постарите прстени се оние со купасти глави изведени од филигранска жица и гранулирани зрна, а понекогаш и од плетена жица, како и прстените со пирамидални задебелување на круната и странични од неа. Најголемиот број прстени се датирани во XII - XIV век. Тие се со кружни или елипсести глави украсени со растителни, животински и геометриски орнаменти, крстови, монограми и претстави на човечки фигури.

Лидија Блажевска, виш кустос

НУМИЗМАТИКА

Нумизматичкиот кабинет е формиран 1998 год. како резултат на повисокото ниво на состојбата со нумизматиката во Македонија. За развој на нумизматиката во голема мера придонесе и специјализираното списание за нумизматика. Првиот број се отпечати во 1994 год. Досега се излезени 4 броја.


Нумизматичката античка збирка содржи 2000 монети од Ранокласичниот период до Доцна Антика. Најстара монета е октодрахмата на Пајонското племе Дерони. Потоа следуваат монети на Македонските кралеви, и мал број примероци на Пајонските кралеви.
Од II в. пред н.е. особено чести на просторот на Р. Македонија се монетите на Македонските градови ковани во бронза, а од времето на Римската Република, сребрените републикански денари. Хронолошки застапени се исто така и монетите на римските цареви, а особено чести се наодите на бронзени фолиси од IV в.
Во збирката застапени се монети од скоро сите ковници на Балканот.

Нумизматичката средновековна збирка содржи 9762 монети. Хронолошки монетите се од IV до XVIII век. Најголем број од збирката (70%) припаѓа на византиското монетно ковање. Присутни се и византиски, српски и турски примероци.

М-р Перо Јосифовски, виш кустос, e-mail: pjosifovski@yahoo.com
Јован Кондијанов, кустос советник, e-mail: kondijanov@yahoo.com


ЕПИГРАФИКА

Збирката на епиграфски споменици содржи 530 споменици. Покрај неколку значајните од хеленистичко време, таа се состои од голем број натписи од римскиот период. Тие можат да се поделат на приватни и државни. Меѓу официјалните се вбројуваат жртвениците, милјоказите, како и натписите кои содржат голем број информации за животот и организацијата
Особено интересни за добивање на нови историски податоци се натписите каде што се споменуваат градовите Аргос, Неаполис и Баргала каде што се споменува провинцијата Средоземна Дакија, а исто така и спомениците каде што се споменуваат војници од одредени легии и натписот од Немезеонот на Стобскиот театар.

КУРШУМЛИ - АН


Во дворот на Музејот на Македонија во еден од најубавите споменици на културата во Скопје - Куршумли ан е сместен лапидариумот. Историјата на овој објект започнува од XVI век, кога првобитната намена му била како трговски ан, и така било се до Турско - руската војна. Кон крајот на XIX век бил пренаменет во политички затвор. Од 1924 год. во него се собрани над 700 камени споменици од Р. Македонија и од Косово. Во 1955 год. во коњушницата на анот е направен лапидариум - изложба на најзначајните камени споменици што ги поседувал Музејот на Македонија. Со земјотресот во 1963 год., овој објект е руиниран и така многу години затворен за јавноста.
Сегашниов лапидариум е сместен во ќелиите на приземјето на главната зграда на анот. Во збирката влегуваат над 130 споменици, различни според својата типологија. Секоја ќелија содржи споменици кои потекнуваат од иста област и од ист период, почнувајќи од I век пред н.е. до времето на доцната антика IV век, време во кое Македонија била римска провинција.

Од 10.01.2008.
до 10.03.2008.

© Copyright 2007, Museum of Macedonia, All rigtst recived.
designed & powered by insourcingMk