Претходни

Е-пошта Печати PDF

Сурва, сурва година - Етнолошки оддел на Музејот на Македонија

10.01.2008. - 10.03.2008.
Отвoрање: 19:00

Тие имаат црни лица и долги бради. Тие се Сурвари, Суроварскари, Џоломари, Џамалари, Бадњибабе, Бамбурци, Бабари, Мечкари, Василичари. Ги има низ цела Македонија. Затоа имаат толку различни имиња.
Тие се симбол на некрстените денови, од Божик до Водици. Излегуваат на Василица (или Нова година според стариот, јулијански календар), за да донесат плодност, бериќет и здравје во текот на целата година. Но, како ритуал се вткаени во народната меморија од древните, пагански времиња. Ги има во Малешевијата, во Струмичко, Дојранско, Тиквешко, Прилепско, Битолско, Охридско, Демирхисарско, Дримкол, Дебарско, Тетовско, Скопско...

Сурва, сурва година" е изложба на Музејот на Македонија, поставена од 10 јануари 2008, а ќе трае до 10 март. На изложбата се презентирани фотографии од обичаи со маски што се изведуваат во повеќе места во Македонија, како и одреден број маски и други реквизити што се користат во василичарскиот ритуал. Отворањето беше проследено со изведување на Василичарскиот обичај од група Василичари од с. Рогачево, Тетовско.

Изложбата ја отвори д-р Зоранчо Малинов, професор на Институтот за етнологија и антропологија во Скопје.

Автор на концепцијата за изложбата е м-р Владимир Боцев, кустос-советник во Етнолошкиот оддел на Музејот на Македонија.

Духовните традиции на Тивериопол - Завод и музеј Струмица

 

25.12.2007. - 28.02.2008.
Отворање: 12:00

На 25.12.2007 г. во 12 часот во Музејот на Македонија беше отворена изложбата Духовните традиции на Тивериопол" на Заводот за заштита на спомениците на култура и музеј Струмица. Изложбата има за цел да ги претстави на пошироката јавност резултатите од истражувањата во старото градско јадро, а преку изборот на раритетни примероци од предмети и теренска документација уште еднаш да укаже на новите сознанија за богатото културно-историско минато на Струмица.

До неодамна, културната историја на Струмица беше позната исклучително преку византиските традиции втемелени во сакралната архитектура и прекрасните живописи во црквите од Велјуса, Водоча и други. Меѓутоа, новите археолошки истражувања покажале дека урбаниот и културниот развој на градот и неговата околина започнале многу порано. Во прилог на ова, особено историографско значење имаат резултатите од истражувањата во Орта Џамија, каде се откриени материјални и архитектонски остатоци на објекти од римското и ранохристијанското време (II век пр.н.е - IV, односно V - VI век), темели од опожарената средновековна црква (VI - VII век) и повеќеслојна некропола (VI - XVII век).

Автор на концепцијата за изложбата е Маргарита Стаменова Атансова, археолог од Заводот и музеј Струмица.

 

Војводата Дедо Иљо Малешевски - Историски оддел на Музејот на Македонија

 

24.01.2008. - 24.03.2008.
Отвoрање: 12:00

Изложбата „Војводата Дедо Иљо Малешевски" е посветена на една од најсилните личности на македонскиот отпор против османлиите, Иљо Марков Малешевски (Берово, 1805 ‡ Ќустендил, 1898). Поставена е по повод 130 години од двомесечната слобода на Пијанец и 110 години од смртта на војводата Дедо Иљо, синонимот на македонското ајдутство.
На изложбата се презентирани бројни документи, карти и фотографии, како и неколку лични предмети.

Познат не само во Македонија, туку и на Балканот, Дедо Иљо или Иљо Војвода бил ајдутин кој заедно со својата дружина во текот на 19 век водел децениска борба за ослободување од туѓинската власт. Неговата ајдутска дружина била организирана според герилски воени начела, а локална организациона база му биле бројните јатаци, известувачи, снабдувачи и други приврзаници. За своите војнички заслуги (1862 г. - борби за изгонување на турскиот воен екипаж од Белград; 1876/78 ‡ војните на Русија и Србија против Турција; Пијанечко, Кресненско востание и др.) е одликуван со странски воени одликувања. До крајот на својот долг живот неговиот слободарски дух го поддржуваше македонското револуционерно ослободително движење.

Автор на концепцијата на изложбата е Мирјана Нинчовска, виш кустос во Историскиот оддел на Музејот на Македонија.

Народно стопанство во Mакедонија претставувано преку фотографии и ликовни дела - Музеј на Македонија

19.12.2007. - 31.01.2008.
Отвoрање: 12:00

Изложбата го прикажува креативното творештво на македонските фотографи: Благој Дрнков, Кирил Билбилоски, Неделко Василев преку изложените фотографии од фототеката на Музејот. Воедно со изложбата се претставени и високите уметнички дострели на македонските ликовни уметници Михајло Шојлев, Вангел Коџоман, Томо Владимирски, Ангеле Ивановски, Катја Ефтимова, претставени преку нивните изложени ликовни дела. Преку изложените фотографии и ликовни дела, визуелно се претставува стопанската активност на македонското население како важен сегмент од неговата етнокултура.

Автори: Боре Неделковски и Сузана Андонова

 

Развојот на селската куќа во Македонија од XIX и почетокот на XX век, цртежи од д-р Петар Намичев - Музеј на Македонија

31.10.2007 - 25.11.2007
Отвoрање: 19:00

Во рамките на годишната програма за 2007 г. на Музејот на Македонија, на 31 октомври (среда), во 19 часот, беше отворена изложбата Развојот на селската куќа во Македонија од XIX и почетокот на XX век.
Изложбата содржи 124 цртежи (туш  на хартија) изработени од авторот д-р Петар Намичев, кустос советник во Музејот на Македонија. Преку цртежите, кои се дел од повеќегодишните теренски етнолошки истражувања се презентира еволуцијата на селската куќа во Македонија, со различни типови на живеалишта, од првичните градби, па сè до куќите со високи архитектонско-естетски карактеристики.




 
Банер

Настани

април 2012 мај 2012 јуни 2012
По Вт Ср Че Пе Са Не
1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31