Сурва, сурва година - Етнолошки оддел на Музејот на Македонија
10.01.2008. - 10.03.2008.
Отвoрање: 19:00
Тие имаат црни лица и долги бради. Тие се Сурвари, Суроварскари, Џоломари, Џамалари, Бадњибабе, Бамбурци, Бабари, Мечкари, Василичари. Ги има низ цела Македонија. Затоа имаат толку различни имиња.
Тие се симбол на некрстените денови, од Божик до Водици. Излегуваат на Василица (или Нова година според стариот, јулијански календар), за да донесат плодност, бериќет и здравје во текот на целата година. Но, како ритуал се вткаени во народната меморија од древните, пагански времиња. Ги има во Малешевијата, во Струмичко, Дојранско, Тиквешко, Прилепско, Битолско, Охридско, Демирхисарско, Дримкол, Дебарско, Тетовско, Скопско...
„Сурва, сурва година" е изложба на Музејот на Македонија, поставена од 10 јануари 2008, а ќе трае до 10 март. На изложбата се презентирани фотографии од обичаи со маски што се изведуваат во повеќе места во Македонија, како и одреден број маски и други реквизити што се користат во василичарскиот ритуал. Отворањето беше проследено со изведување на Василичарскиот обичај од група Василичари од с. Рогачево, Тетовско.
Изложбата ја отвори д-р Зоранчо Малинов, професор на Институтот за етнологија и антропологија во Скопје.
Автор на концепцијата за изложбата е м-р Владимир Боцев, кустос-советник во Етнолошкиот оддел на Музејот на Македонија.















