
Во Музеј на Македонија во четврток, 23 декември ќе биде отворена изложбата „Хрватски Божик“, возвратна изложба на Етнографскиот музеј од Загреб, во којашто се претставени обичаите, верувањата и надежта на хрватскиот народ поврзани со божикните празници.
Во оваа изложба претставено е значењето на светлината, зеленилото, дарувањето во рамките на божикните празнувања. Посебно место се отстапува на традиционалната изработка на божикни јасли, а тоа се потенцира со неколку примероци, копии, кои се датирани од XIII век.
Подготовките за Божик заземаат особено внимание кај Хрватите. Тие, како и Македонците, се подготвуваат со недели, како материјално, во смисла да си обезбедат се што е потребно за што посвечено дочекување на големиот благден, уште повеќе духовно со четиринеделниот пост. За време на Божик сите се весели и полни со надеж за што повесело, поздраво и породно ново лето.
Музејот на Македонија и Етнографскиот музеј од Загреб со години наназад имаат успешна и плодна соработка, пред се на полето на размена на изложби коишто ја опфаќаат традиционалната култура на Македонците и Хрватите. Размената на изложби започна во 2005 година, а минатата година за првпат Музејот на Македонија, гостуваше со лична изложба за македонските божикни обичаи во Етнографскиот Музеј во Загреб.















