Полувековното постоење на Историскиот музеј, сега преточен во Оддел за историја во Музејот на Македонија, започна со собирање на материјали од периодот на Народноослободителната борба, и се продолжи со периодот на националните револуционерни движења.
Постепено започнаа истражувањата и прибирањето на материјалите со што се опфати целокупната историја на македонскиот народ и тоа од населувањето на Словените на територијата на Македонија, па сè до формирањето на своја државa во рамките на заседанието на АСНОМ 1944 година, како и конечното ослободување, со што започна повоената историја на земјата.
Збирката содржи околу 1.500 инвентарни единици. Од нив 200 се тридимензионални предмети: средновековни монети од византиски и српски владетели, прстени, мечови, стрелки од врвови на стрели и копја, разни алати и алатки.
Во овој период хронолошки се опфатени најважните настани, почнувајќи од доаѓањето на Словените, примањето на христијанството, создавањето на словенската азбука и писмо, создавањето на првата македонска средновековна држава со царот Самуил, востанијата против Византија, потпаѓањето под српска власт, па сè до формирањето на самостојни феуди.
Значајно е да се споменат раритетниот меч „волчјак"од XIV век и копијата на Самуиловата плоча со натпис од крајот на X век,кој е најстар кириличен текст на Балканот.
Останатите инвентарни единици претставуваат фотографии пресликани од разни книги, енциклопедии, карти, портрети на просветители, дејци и личности од тој период.
фотогалерија
Македонија под османлиско-турска власт
Збирката предмети од Османлиско-турскиот период е составена од околу 2500 предмети. Тие датираат од XIV век, времето нa доаѓањето на Турците на Балканот, па сè до почетокот на XX век, односно до Илинденското востание во1903 година.
Збирката содржи голем број фотографии, на кои се прикажани портрети и цртежи на турски султани, разни објекти, амами, теќиња, хареми и некои пејсажи од тоа време.
Збирката поседува и повеќе од 200 монети од овој период, од коибакарните се најинтересни за нумизматичарите.
Најрепрезентативно е оружјето и воената опрема на турската војска.
Оваа збирка поседува околу 200 парчиња ладно и огнено оружје (топузи, боздогани, наџаци, сабји, јатагани, кубури, пушки фитиљачи, кремењачи и каписларки).
Под воена опрема се подразбира облеката на војникот, панцир кошулите, специјалните панталони, токи, потоа, барутници, фишеклии и енамлуци.
Најинтересно кај турското оружје е неговата обработка, украсување и декорирање. Декорацијата е оној елемент кој на оружјето му дава посебна убавина. Покрај датумот на обработката и делови од Коранот, оружјето најчесто било гравирано со арабески и вегетативни орнаменти. Се украсувало со драги и полудраги камења, седеф, слонова коска, инкрустирани корали, злато и сребро.
Даниела Николова, виш кустос
фотогалерија
Културна преродба
Периодот на преродбата започнува во почетокот на XIX век и трае сè до создавањето на првата македонска слободна држава, до крајот на Втората светска војна. Овој период е еден од најзначајните во историјата на македонскиот народ затоа што тогаш започнува неговото национално, етничко и културно осамостојување.
Паралелно со борбите за целосно ослободување од повеќевековното османлиско ропство, се водат и борби на духовен план, за отворање на училишта на народен македонски јазик, се пишуваат и се печатат првите црковни книги на народен македонски јазик, се отвораат првите печатници.
Видни преродбеници и учители ја запознаваат тогашна Европа дека на Балканот живее македонскиот народ кој има своја култура, јазик и обичаи и бараат од неа да издејствува ослободување од турското феудално ропство, добивање автономија, а подоцна и држава.
Во Музејот на Македонија за овој период прибрани се вредни предмети, неколку илјади фотографии, документи, стари книги и лични предмети од нашите преродбеници: Кирил Пејчиновиќ, Теодосија Синаитски, Кузман Шапкарев, Рајко Жинзифов, браќата Миладиновци со нивниот „Зборник", Ѓорѓија Пулевски, Григор Прличев и други кои ѝ припаѓаат на генерацијата преродбеници од XIX век.
Посебен простор во Музејот е одделен за делата на Крсте Петков Мисирков и неговата најзначајна книга „За македонцките работи", капитално дело во кое се поставени темелите на македонскиот литературен јазик. Амбиентално е поставена тнр. „соба на Мисирков", во која се изложени дел од неговите лични предмети и мебел.
Димитрија Чуповски со останатите членови на Петроградската колонија во Русија, кои ја изработија првата карта на Македонија во нејзините етнички граници и Коста Рацин со збирката "Бели мугри" се исто така застапени во музејската збирка од овој период.
фотогалерија
Национално-револуционерно движење
Збирката на македонското национално-револуционерно движење го опфаќа периодот од крајот на XIX век и почетокот на XX век,со посебен акцент на Илинденското востание од 2 август 1903 година.
Музејскиот материјал од збирката Илинден открива една нова светлина во историјата на македонскиот народ и неговата борба за извојување на национална слобода.
Збирката содржи фотографии од македонски револуционери,портрети и групни фотографии на чети, како иразгледници од повеќе македонски градови.
Оружје: пушки од марките „мартинка", „шишана",„карабин",„рашак", „чибуклија", „каранфилка", „рога", „џефердан" и др.;пиштоли марка „нагант револвер", и др.;кубури; ладно оружје: јатагани од марката „црнопасец",сабји, бодежи, ножеви и ками кои со своето уметничко совршенство зачудуваат и восхитуваат;метални арбии за набивање на барут во пушките и кубурите, фишеклии, метални (месингани) и богато рељефно орнаментирани кутии кои служеле за чување на барутот. Во збирката се застапени и зејтилници (месингани метални кутии во кои се чувало масло за подмачкување на оружјето);бастуни, совршено изработени од два дела (футрола - плетена, дрвена, кожена или со разнобојни монистра и метален бодеж);метална преса на која Гоце Делчев со соборците фалсификувале турски пари (бели меџидии) за купување на оружје за востаниците; калапи за леење куршуми;комитска облека.
Тука е и славното „црешово топче", синоним за почетокот на Илинденското востание, потоапранги во кои биле оковувани македонските револуционери, двогледи на војводите и позначајните револуционери,знамиња на чети и занаетчиски еснафи (оргинали и репродукции).
Збирката содржи и предмети во лична сопственост на познати македонски револуционери, Ѓорче Петров, Јане Сандански и др.(очила, часовници, колани, ќостеци, ками);спомен-плакети на Илинденци;оргинали и копии од печати и отисоци од печати на регионални и околиски комитети (охридски, кумановски, битолски, ениџевардарски, тиквешки и др.); стаклени шишиња везени со монистра, колани, бастуни, ќостеци, изработувани од македонски револуционери кои биле затвотени во Солун во Беас Куле и во малоазиските затвори.
Значајно место во збирката имаат и документи (писма, поштенски картички и преписки од познати револуционери- Ѓорче Петров, Димитар Беровски и др.); факсимили од весници издавани и уредувани од македонски интелектуалци и револуционери (Петар Поп Арсов, Даме Груев, Ѓорче Петров, Димо Хаџидимов и др.);таблоа на македонско-одрински револуционери;шифрирани писма од Револуционерната организација, како и шеми и планови за организација на Илинденското востание.