Articles
Теракотни икони

Помеѓу 1985 и 1988 година на локалитетот Виничко Кале во Виница, меѓу урнатините на оваа мала градска населба,пронајдени се теракотни икони, засега единствени примероци од рановизантинската сакрална уметност на Балканот и во Европа.
Колекцијата ја сочинуваат 50-тина икони, при што 20-тина се откриени цели, а останатите во фрагменти.
Ова е најпрезентираното културно богатство од Македонија во последните 15 години - теракотните икони биле презентирани во 13 држави и над 25 европски градови:Ватикан, Виница, Загреб, Москва, Љубљана, Охрид, Скопје, Белград, Минхен, Вирцбург, Вајзенбург, Брегенц, Линц, Рим, Варшава, Анкара, Лисабон, Париз, Пула, Риека, Задар, Сплит, Осиек, како и во австралискиот град Волонгог.
Сите претстави на теракотните икони се придружени со латински натписи изведени во релјеф, кои ги опишуваат сцените или ликот, при што во нив е вградена концизна теолошка порака.
Библиските теми кои се најчести претстави, се сместени во 4 групи: старозаветни сцени, илустрирани псалми,христолошки претстави и претстави на ликови на христијански светители. Ќе наброиме само по еден претставник од сите теми:„Јошуа и Калеб“, „Даниел меѓу лавовите“, „Константиновиот крст“, „Св. Архангел Михаил“.
Врз основа на историско-црковните прилики, иконографските, стилските и палеографските карактеристики, виничките теракотни икони временски се определени во VI, односно VII век.
Стилските особености на виничкиот репертоар се изведени со помош на калап, во висок релјеф, при што се доживува извонредна пластичност.
Уметничките вредности на иконите се изразени преку христијанската достоинствена смиреност на старозаветните ликови и светители, симболичното значење преку зооморфните и вегетациските мотиви, па се до силните и динамични движења на библиските коњаници.
Цоне Крстевски, кустос советник
фотогалерија





