Периодот на преродбата започнува во почетокот на XIX век и трае сè до создавањето на првата македонска слободна држава, до крајот на Втората светска војна. Овој период е еден од најзначајните во историјата на македонскиот народ затоа што тогаш започнува неговото национално, етничко и културно осамостојување.
Паралелно со борбите за целосно ослободување од повеќевековното османлиско ропство, се водат и борби на духовен план, за отворање на училишта на народен македонски јазик, се пишуваат и се печатат првите црковни книги на народен македонски јазик, се отвораат првите печатници.
Видни преродбеници и учители ја запознаваат тогашна Европа дека на Балканот живее македонскиот народ кој има своја култура, јазик и обичаи и бараат од неа да издејствува ослободување од турското феудално ропство, добивање автономија, а подоцна и држава. 
Во Музејот на Македонија за овој период прибрани се вредни предмети, неколку илјади фотографии, документи, стари книги и лични предмети од нашите преродбеници: Кирил Пејчиновиќ, Теодосија Синаитски, Кузман Шапкарев, Рајко Жинзифов, браќата Миладиновци со нивниот „Зборник", Ѓорѓија Пулевски, Григор Прличев и други кои ѝ припаѓаат на генерацијата преродбеници од XIX век.
Посебен простор во Музејот е одделен за делата на Крсте Петков Мисирков и неговата најзначајна книга „За македонцките работи", капитално дело во кое се поставени темелите на македонскиот литературен јазик. Амбиентално е поставена тнр. „соба на Мисирков", во која се изложени дел од неговите лични предмети и мебел.
Димитрија Чуповски со останатите членови на Петроградската колонија во Русија, кои ја изработија првата карта на Македонија во нејзините етнички граници и Коста Рацин со збирката "Бели мугри" се исто така застапени во музејската збирка од овој период.
фотогалерија















