Ѕидно сликарство

E-mail Print PDF
There are no translations available.

015.jpgНајстарите фрагменти од збирката на фрескоживопис потекнуваат од крајот на X и првата половина на XI век. Тоа се два мали фрагменти од ликови на светители со нимбови околу своите глави. Едниот фрагмент потекнува од најстариот слој во комплексот на Водочката црква (крај на X век), а вториот од епископскотото седиште Мородвис (средина на XI век).

Најубавите и најрепрезентативните примероци на оригинален фрескоживопис во збирката на Музејот потекнуваат од комплексот на црквата Св. Леонтиј во Водоча, од првата половина на XI век. Тоа се две монументални претстави на ѓаконите Исавриос и Евплос.

Од истиот период од оваа црква потекнуваат и двата извонредни фрагменти од композициите на циклусот на Богородица, Јосиф во пустината и Одбивањето на даровите.

Од црквата Св. Богородица Елеуса во Вељуса (околу 1080) потекнуваат претставата на еден епископ и фрагмент од композиција која првобитно била насликана на јужната фасада на црквата, од околу 1160 година. На овој фрагмент се гледа фигурата на Христос насликана во најубавите традиции на комненската уметност од третата четвртина на XII век.

Од XIII век, во збирката на Музејот се наоѓаат само мали поединечни фрагменти на ликови на архиереи од црквите на средновековен Прилеп, особено од црквата Св. Архангели во Варош.

Од средината на XIV век потекнуваат многу важни фрагменти на фрески (ликови на светители, нимбови, светителска одежда, делови од сликани капители на архитектонски градби) од задужбината на Стефан Душан од црквата Св. Архангели на Бистрица крај Призрен. Фреските се пронајдени во текот на археолошките ископувања од почетокот на 30-тите години на минатиот век.

Од оваа време датира и еден поголем фрагмент од непознат објект - старозаветна композиција, на која може да се види старозаветен пророк со карактеристична еврејска капа на главата, а над него делови од нозе на ангелска фигура.

Од крајот на XIV век потекнува еден поголем фрагмент од капелата која била изградена во северисточниот дел на црквата Св. Богородица во манастирот Матејче. Фрагментот претставува една цела композиција врамена со црвена бордура, во која се старозаветните пророци Мисаил и Седрах со карактеристични еврејски капчиња.

Од црквата Св. Архангели во село Чичево, потекнуваа и една поголема групација на фрагменти на фрескоживопис од средината на XV век. Од олтарниот простор на некогашната црква се претставите на тројца архиереи насликани во медалјони. Првиот меѓу нив е големиот чудотворец и епископ на кипарскиот Тримуртин, св. Спиридон, до него е насликан епископ чија сигнатура е целосно исчезната, а во третиот медалјон е насликан св. Методиј.

Од истата црква од делот околу олтарната преграда потекнуваат претставите на многу почитуваниот Христов архиереј св. Никола и фигурата на славниот монах, основоположникот на египетското монаштво, св. Антониј.

Од поствизантискиот период потекнува и еден поголем дел од композицијата на Христовото Вознесение, и дел од архиерејска фигура која во рацете држи отворен свиток со испишан текст од литургијата.

Во рамките на постојаната музејска поставка можат да се видат фреските со циклусот на животот и страдањата на св. Ѓорѓи од западната фасада на Полошкиот манастир, сликани во 1609 г.

фотогалерија

 
Banner

Events

April 2012 May 2012 June 2012
По Вт Ср Че Пе Са Не
1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31