Збирката брои 1.350 предмети кои имале применета функција во секојдневниот живот. Збирката е тематски поделена на повеќе колекции.
Дрвото како природен материјал кој е лесен за обработка и обликување наоѓа голема примена во изработка на покуќнинските предмети од најстаро време до денес. Предметите биле изработувани од разни видови дрво: даб, бука, липа, јавор, брест, топола, орев, врба и др., во наједноставни занаетчиски техники и со примитивен алат: секира, тесла, нож, земало.
Предмети кои се користеле за подготвување, служење, чување и складирање на храната се: чупани, вагани, копани, чаши, лучници, лажици, црпалки, текниња за месење леб, ноќви, брашненици, дибеци, карти, букли, бутини софри, таруни, разни видови корпи, сита.
Кофчезите за облека се ентериерни предмети карактеристични за селската и за градската куќа. Ги има од најобични без декорација, до богато украсени во разни техники и материјали: плитка резба, апликации од метал, кожа, инкрустрација од седеф, обоени и сл.
Во збирката се застапени и разни видови столчиња: троножни, со потпирач и без потпирач и клупи; потоа водници за поставување на садовите за вода и разни корита.
Презентирани се и алатки за преработка на текстилни влакна и изработка на текстил: разни видови фурки, вретена, гребени, летки за моткање конци, мотовила, витли, чокани, чекреци, разбои за ткаење, трлици за чукање коноп и др.
Милка Крстевска, кустос советник















