Збирката Народен накит и занаети содржи околу 3.400 предмети. Составена е од метален и монистрен накит, оружје, прибор за пушење, амајлии, разновидни религиозни предмети: опкови за икони, опкови за евангелија, крстови за домашна намена и луксузна покуќнина. Збирката поседува и алатки од ковенџискиот занает.
Од накитот најбројни се пафтите - невестински украс за појас, потоа прстени, колани, разновидни украси за вратот и градите, обетки и украси за глава и нараквици.
Изработени се од најразновидни материјали: месинг, бакар, сребро, легури на сребро, злато. Застапени се сите техники за обработка на метал: леење, ковење, филигран, ажурирање, лемење.

Монистрениот накит е од рачна изработка.Тоа се: колани, нараквици, ѓердани, разновидни ќустеци, амајлии, украси за коса и чело, украси за машки чорапи „дизгии".
Повеќето предмети потекнуваат од втората половина на XVIII до првата половина на XX век, а неколку примероци се од XIV, XV и XVI век.
Милена Петровиќ, кустос советник















