Антропологијата е застапена во рамките на Археолошкиот оддел на Музејот на Македонија од 1983 година. Во 2001 година е формиран Антрополошкиот кабинет.
Во рамките на дејноста е водена грижа за скелетните наоди во текот на археолошките ископувања на некрополи. Извршена е анализа на околу 10.000 индивидуални скелети од сите археолошки периоди. Тоа се праисториските локалитети: Маркова Сушица, Варвара и Хиподром - Скопје, Водоврати и Уланци - Велес, Милци и Вардарски Рид - Гевгелија, Дедели - Валандово, Отошница и Опила - Крива Паланка, и средновековните: Демир Капија, Виничко Кале, Пепелиште и Бистренци - Неготино, Дуње - Прилеп, Орта Џамија и Водоча - Струмица и Плаошник - Охрид.
Со антрополошките истражувања се реконструираат физичкиот изглед на човекот во минатото, палеодемографските карактеристики на населението, етногенетските и антропогенетските процеси низ праисториските и историските периоди, како и палеопатолошката слика на човекот во Македонија. Реализирани се неколку повеќегодишни истражувачки проекти како „Антрополошки карактеристики на средновековното население од Црквиште - Демир Капија", „Антрополошклиот профил на античкото население на Стоби" и „Средновековното население на Орта Џамија и Водоча - Струмица". Резултатите се презентирани во четири монографии и триесетина текстови во стручни списанија.
Во 2004 година е реализирана изложба насловена „Човекот во минатото", со тридимензионални реконструкции на скулптури и цртежи на 13 избрани индивидуи, кои хронолошки припаѓаат на периодите од неолитот до средниот век.
д-р Фаница Вељановска, антрополог, научен советник















